Поради обилните врнежи од дожд, на повеќе локации во државата е регистрирано зголемување на водостојот на реките, како и одредено излевање, а има и поплавени објекти и одрони. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во Битолскиот Регион е излеана реката Шемница кај селото Лера, а има и поплавена куќа и штали. Во Општина Новаци, пак, е прекинат патот кон рудникот „Брод-Гнеотино“ поради надојдена вода од Црна Река.
– Има излевање на реките во селата Царев Двор и Дрмени, а има и поплавени куќи во Преспанскиот Регион. Постои опасност од излевање на Голема Река – информираат од ЦУК.
Според ЦУК, нема пријавени штети во Струмичкиот Регион, но се регистрирани одрони на патниот правец Струмица – Валандово. Воедно, зголемено е нивото на водата во речните корита во Скопскиот Регион, но засега нема излевање.
– Има одрони и паднато дрво на два патни правци во Велешкиот Регион, а реката Вардар овде има многу висок водостој, со можност за излевање кај автобуската станица – прецизираат од ЦУК.
Нема пријавени проблеми во Штипскиот Регион, а значително е покачен водостојот на реките во Охридскиот Регион и има излевање на повеќе места, при што постои ризик од поплавување на поединечни станбени објекти.
– Активирани се екипите за интервенција во Косел, Опеница и кај Скребатска Река – нагласуваат од ЦУК.
Нема излевање во Куманово и во Липково и се расчистуваат наносите кај селото Коинце. Зголемен водостој на реките, но без штети, е регистриран во Кратовскиот Регион, а исчистен е одронот на патниот правец Страцин – Пробиштип.
Во Тетовски Регион, дождот сè уште не направил проблеми. Од ЦУК наведуваат дека нема пријавени штети таму, дека е зголемен водостојот, но без излевање.
Од ЦУК соопштија дека сите надлежни институции се навремено известени за сите овие појави и оти веќе се преземат соодветни мерки за санација и заштита на населението и на инфраструктурата.
Оттаму апелираат до граѓаните да избегнуваат движење во близина на речни корита, мостови и поплавени површини, да ги следат упатствата на надлежните служби и доколку забележат каква било опасност, веднаш да пријават на бесплатниот број за итни повици 112 во ЦУК.
Од УХМР информираат дека во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 л/м² за 24 часа), локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на грмежи. В недела, поради продор на постудена воздушна маса, на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. В понеделник и во вторник, утринските температури значително ќе опаднат. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат кон средината на следната седмица.
(А. П.)












