Македонскиот ракометен шампион, екипата на Еурофарм Пелистер, денеска го очекува пеколно тешко гостување во Лигата на шампионите. Тимот од Битола, во рамките на второто коло, игра на гости кај моќниот ПСЖ и сè, освен пораз, би било еднакво на изненадување.
По стартниот триумф над Загреб, пелистерци мотивирано влегуваат во продолжението на сезоната.
- Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастоварени на гостински терен во Париз. Која било победа или бод, освоен на гости, добро ќе ни дојде. Не треба уште отсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде – изјави Никола Митревски.
Натпреварот ПСЖ – Еурофарм Пелистер ќе започне во терминот од 20:45 часот.