По исклучително успешниот музички настан посветен на маестро Кире Костов!!!
Скопје долго ќе го памети тоа што се одржа вчеравечер (наскоро и ТВ-гледачите на Македонската телевизија, преку снимка) во МОБ. Станува збор за прекрасниот концерт, прекрасно организиран, во чест на маестро Кире Костов. Тој остави преку 700 прекрасни композиции зад себе, но на сцената на МОБ, времето и просторот дозволија да ги слушнеме само избраните со избраните пејачи. Навистина беше така. 

На вкусно украсената бина, од која се распрснуваа емоции и спомени на едно минато, мило музичко време, имавме ексклузивна можност да уживаме во моќните интерпретации на: Биба Додева, Бојана Скендеровски, Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов, Ана Петановска, Елена Васова и Сигија Маконами.
Концертот го отвори вечно распеаната жива легенда, Драган Мијалковски, а потоа следуваа настапите на одличниот Александар Тарабунов и на Биба Додева, која дојде специјално од Загреб (каде што живее и работи сега) и која со особено задоволство, кое и самата, свечено облечена, го покажа на сцената, маестрално го испеа големиот певлив хит „Штом се сака“. Пејачката Елена Васова пријатно изненади со песната „Бела птица“, а Андријана Јаневска одлично ѝ „парираше“ на повозрасната колешка Маја Оџаклиевска, која на времето ја освои публиката со емотивната „Само сеќавања“. Така сега и Јаневска.
Ана Петановска е таа што сите ја фалат поради одличниот глас што го поседува, а дека е така, нè увери пеејќи го евергринот „Твоите очи, сине“, кој беше испеан пред многу години, од Тања Кочовска. Бојана Скендеровски, една од ретките македонски пејачки, на прстите од раката да ги изброиш, кои се со моќен глас, мошне емотивно нè потсети на песната „Кажи“. Воедно, Бојана беше дотолку елегантно средена, слободно би кажале, санремовски. 







Впрочем, и за секого од другите пејачи имаме само пофални зборови, и за: Сефедин Бајрамов, Елена Ристеска, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозаноски, Мустафа Имери… Музичкиот дел од концертот заврши со настапот на гостинката од Далечниот Исток, Сигија Маконами, која ја изведе макфестовската „Кога те нема“ на свој, мошне интересен македонски јазик, но тоа е за секоја пофалба. Пофалба и за водителите Огнен Јаневски и Живкица Каленикова, кои изгледаа светски на бината, во секој поглед.
Маестро Кире Костов имаше пет грации во својот живот: сопругата Кармен, ќерките Ана и Нина и внуките Елена и Марта. Тие беа негов највпечатлив жив оркестар и постојана оаза на среќа. Беше човек од народот и за народот ги напиша најубавите песни, како што е онаа „Летај, галебе“ по која беше насловен овој концерт, и доколку се доделуваше, на пример, музичката награда „Греми“, без дилема ќе ја освоеше.
Дуле Миќиќ/фото: П. Стојановски












