Да го препознаеме насилството дури и кога не остава физички траги

24

Во последните четири години, во Македонија расте бројот на жени што се жртви на семејно насилство. Од 2020 до 2024 година, за 20 проценти е зголемен бројот на  жени жртви на семејно насилство, покажуваат податоците на Министерството за социјална политика, демографија и млади. Бројките на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во 2024 година, вкупниот број жртви на кривични дела од семејното насилство изнесувал 1.146, од кои 80 отсто биле жени. Меѓу мажите насилници преовладуваат сопрузите на жртвите. Ако го додадеме на ова и темниот непријавен број жени што трпат насилство, може да констатираме дека нема оправдување и дека треба да се преземат конкретни и постојани акции за ставање крај на семејното насилство. Токму за една таква акција, која има цел да внесе вистинска промена во животите на жртвите на семејно насилство преку информирање, поддршка и акција, за весникот ВЕЧЕР разговаравме со членките на НВО „Поддршка“ од Гевгелија, психолозите Сашка Карајанова и Светлана Митровска. Нашите соговорнички велат дека „Заедно против насилството“ не е само проект туку и движење што почнува од секое село, од секое семејство. Целта е унапредување на системот за психосоцијална поддршка и заштита на жртвите, да се сврти вниманието на пошироката јавност за овие теми и да се придонесе за намалување на бројот на лица што ќе бидат жртви на овие деструктивни појави.

Митровска, за каква акција станува збор?

Се работи за проектот „Заедно против насилството“ на НВО Поддршка од Гевгелија, финансиски поддржан од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Проектот се спроведува регионално, и тоа во општините: Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран. Следејќи ги состојбите со насилството врз жените и девојките во регионот, може да се констатира дека оваа појава е многу присутна во овој регион, со еден фрапантен број, и тоа: во 2023 имавме 117 пријави за насилство, додека во 2024 година тој број изнесуваше 127. Очигледен е порастот на оваа асоцијална појава, како и порастот на нарушените семејни односи.

Карајанова, која е целта на овој проект?

Би кажала дека „Заедно против насилството“ не е само проект туку и движење што почнува од секое село, од секое семејство. Целта ни е унапредување на системот за психосоцијална поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство. Со ова сакаме да ја подигнеме свеста на пошироката јавност за проблемите со семејното насилство во регионот, со акцент на руралното население, женските организации, како и жртвите на семејно насилство. Имаме потпишано меморандуми за соработка со сите четири општини – Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово, со Центарот за социјална работа Валандово и со ЈУ МЦСР Гевгелија. Се надеваме дека со нашите бројни активности ќе успееме да го свртиме вниманието на пошироката јавност кон овие теми и дека во иднина ќе имаме намален број лица што ќе бидат жртви на овие деструктивни појави.

Митровска, какви активности се предвидуваат?

Проектот има  јасна мисија: превенција од семејно и родово базирано насилство, унапредување на системот на заштита и обезбедување услови за достоинствен живот на сите граѓани. Планираме да одржиме едукативни трибини во сите рурални места во регионот, со кои граѓаните ќе научат како да го препознаат насилството дури и кога не остава  физички траги, за тоа како да го препознаат семејното насилство, како да реагираат на него, да се информираат за своите права и како да се заштитат. Со евидентираните и потенцијалните жртви на насилство ќе реализираме работилници со формирање повеќе групи со кои ќе работиме индивидуално и групно, заради подигнување на самодовербата  кај жртвите на насилство, намалување на чувството на вина, амортизирање на нивниот стрес и подобрување на нивното ментално здравје. Клучна компонента на проектот е активирањето на СОС телефонската линија, достапна 24 часа, седум дена во неделата, преку која граѓаните ќе може да добијат поддршка, психолошки совет или да пријават насилство. Линијата ќе биде промовирана во текот на јуни, преку информативна брошура што ќе се дистрибуира во сите населени места.

Карајанова, што очекувате од овој проект?

Со овој проект очекуваме подигнување на свеста кај населението во регионот за препознавање и пријавување на семејното насилство, подобрено ментално здравје кај жртвите на семејно насилство,  зголемена самодоверба кај нив, како и охрабрување и рушење на табуата и предрасудите на кои наидуваат секојдневно. Очекуваме, исто така, организациите на жени во регионот да се стекнат со дополнителни знаења и вештини за будно  следење на состојбата во своето опкружување и давање соодветна помош и заштита на жртвите на насилство. Исто така, жртвите на насилство ќе имаат каде да се обратат во секој момент од денот и да добијат соодветна помош и поддршка на нашата СОС-линија.  Со овој проект очекуваме да ги „разбудиме“ општините опфатени со овој проект, да размислат за отворање засолништа за жртвите на насилство, т.н. шелтер центри, кои во моментот ги нема. Затоа жртвите што претрпеле физичко или психичко насилство во кругот на семејството, сега се упатуваат во центри што се далеку од нивното место на живеење. Тоа најчесто ги премислува жртвите, кои одлучуваат, сепак, да останат во домот на насилникот, бидејќи преселбата во друг град каде што може да бидат згрижени подразбира нова работна средина и ново училиште за децата. Да потсетам дека општините се должни да предвидат средства од општинскиот буџет за основање и финансирање вакви шелтер центри.

(Љ. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ