-Македонскиот јазик е нашето духовно и културно богатство, наше главно идентитетско обележје, наша љубов и наша бесконечна татковина. Да ни се честити: 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, 80-годишнината од прогласувањето на македонската азбука и 80 години од конечната кодификација на македонскиот литературен јазик!, рече проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, на денешното свечено одбележување на Денот на македонскиот јазик во оваа институција.

Пред полната сала со професори, научници, студенти, ученици на Институтот за македонски јазик, како што потсети таа, Крсте Мисирков уште во 1903 година во своето епохално дело „За македонцките работи“ ја направи првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик и беше предвесник на конечната кодификација.

-Со прогласувањето на македонската држава во рамките на југословенската заедница, АСНОМ донесува решение за воведување на македонскиот како службен  јазик. Со усвојување на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година, се заокружува кодификација на современиот македонски литературен (денес, стандарден) јазик. Независноста и прогласувањето на државата се главни фактори за кодификација на јазиците. Така македонскиот јазик повторно се вброи во избраните јазици на светот. Им се поклонуваме на сите знајни и незнајни борци за македонската држава и за кодифициран македонски јазик, додаде таа.

Во своето обраќање ги истакна и проектите на Институтот, кој со својата повеќедецениска работа и со своите изданија и дела постојано го промовира македонскиот јазик.

-Еден од клучните проекти, еден од столбовите на научната дејност веќе седум децении е проектот „Македонски дијалектен атлас“, чиј прв том неодамна излезе од печат како коиздание со МАНУ и финансиска помош на Министерството за култура и туризам. Неговите автори на 4 мај ја добија највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“, како што пред неколку години и тимот на Толковниот речник на македонскиот јазик ја доби оваа награда, додаде Јованова-Грујовска.

Таа посочи и дека деновиве, во чест на јубилеите, Институтот со финансиска помош на МОН го објавил и третото издание на Правописот на македонскиот јазик (од 2015 г.) и 350 примероци веќе се доставени до МНР, МОН и МАНУ.

-Континуитетот од првите правописни решенија и малите интервенции од 1945 г. до денес се доказ дека Блаже Конески и неговите современици ја имаат извршено кодификација совесно и квалитетно, имајќи ги предвид минатото и иднината на македонскиот јазик. Последните години во Институтот се работи на првиот Етимолошки речник на македонскиот јазик чиј прв том се очекува да излезе пред крајот на годинава. Следната задача за нас е Корпус на македонскиот јазик, а со оглед на тоа што сите картотеки на Институтот се дигитализирани и имаме вискостручен научен кадар, ние сме најпогодни за создавање корпус и затоа бараме поддршка од надлежните министерства, од УКИМ, како и од други институции, компании и поединци, заврши Јованова-Грујовска.

Пред присутните се обрати и Биљана Ангелова, ректорка на УКИМ која потсети на развојниот пат на македонскиот јазик, споменувајќи ги првите црковнословенски ракописи од 10 век, преку Партение Зографски, потоа Крсте Мисирков, Блаже Конески, Круме Кепески, па сè до денеска.

-Македонскиот јазик секојдневно се збогатува зацврстувајќи ја својата позиција и ја потврдува својата неприкосновена вредност. Денешниот ден нè обврзува како водечки универзитет во државата да го продолжиме нашето писмено наследство и да го негуваме и да го развиваме македонскиот јазик, што не е само наша традиција, туку и наша одговорност. Наша одговорност е да го негуваме македонскиот јазик како живо и просперитетно наследство, што ќе биде потврда за опстанокот и напредокот на нашата национална култура и идентитет, со што ќе остане препознатлив и во странската научна мисла. Македонскиот јазик е завет кој мора да го чуваме, негуваме и развиваме. Големата мисла на Мисирков е наш аманет. Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го негуваме нашиот јазик затоа што тој е наш, исто така, како што е наша татковината ни, истакна Ангелова.

Таа зaврши со мислата и заветот на големиот Блаже Конески: „Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“ (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ