Реката со кристално чиста вода и недопрената природа околу нејзиниот тек се под закана од предложената изградба на две мали хидроелектрани „Баров дол“ и „Папрад“, со вкупна моќност од 2 мегавати.
– Иако обновливата енергија е важна, таа не треба да доаѓа по цена на уништување на уникатните живеалишта. Изградбата на овие хидроелектрани ќе го наруши природниот тек на реката, ќе го загрози опстанокот на нејзините ендемски видови и ќе го промени пејзажот неповратно, велат од платформата Change.org и повикуваат граѓаните да се пријават за да се потпише петиција за заштита на реката Дошница и екосистемот на планината Кожуф
Платформата Change.org повикува граѓаните да се пријават за да се потпише петиција за заштита на реката Дошница и екосистемот на планината Кожуф. Реката со кристално чиста вода и недопрената природа околу нејзиниот тек се под закана од предложената изградба на две мали хидроелектрани „Баров дол“ и „Папрад“, со вкупна моќност од 2 мегавати.
– Реката Дошница, сместена во мирната планина Кожуф, не е само река, туку и просперитетен екосистем и дом на неколку ендемски видови риби, рак (род) и диви цвеќиња. Таа е светилиште за медоносни пчели, што ја прави витален дел од природното наследство на Гевгелија. Иако обновливата енергија е важна, таа не треба да доаѓа по цена на уништување на уникатните живеалишта. Изградбата на овие хидроелектрани ќе го наруши природниот тек на реката, ќе го загрози опстанокот на нејзините ендемски видови и ќе го промени пејзажот неповратно – велат од Change.org.
Оттаму сметаат дека е од клучно значење да се спореди зачувувањето на животната средина со ваквите развојни потфати и да се најде одржлива алтернатива што ја штити оваа област.
– Планината Кожуф и реката Дошница мора да бидат зачувани не само поради нивниот биодиверзитет туку и за идните генерации кои заслужуваат да го доживеат ова природно чудо. Алтернативните решенија, како што е проценка на еколошки поодржливи локации за вакви проекти, треба темелно да се истражат – се вели во повикот.
Ги повикуваат локалните власти и еколошките организации да ги земат предвид долгорочните влијанија и да се одлучат за енергетски решенија што го опфаќаат зачувувањето на природата.
– Зачувувањето на реката Дошница и нејзиниот екосистем е од најголема важност. Придружете ни се во нашиот повик да ја ставиме еколошката одговорност на чело на развојот. Потпишете ја оваа петиција за да ја заштитите реката Дошница од неповратна штета и да се осигурате дека нејзиниот скапоцен биодиверзитет продолжува да напредува – се наведува во повикот.
Дошница е ставена на распоредот на туристичките работници од Демир Капија кои организираат еднодневни екскурзии за своите гости на оваа планинска река која е десна притока на реката Бошава, која потоа се влева во Вардар. Во април годинава, екипа на весникот ВЕЧЕР беше по дел од течението на Дошница со нејзината кристално чиста вода која е позната кај авантуристите и кај трагачите по злато, бидејќи се смета дека во минатото била вршена експлоатација на злато околу речното корито. Во непосредна близина на реката ја забележавме старата хидроцентрала „Дошница“.
Покрај реката Дошница се наоѓа месноста Топли Вирови, излетничко место над селото Чифлик. Името Топли Вирови доаѓа од тоа што образуваат базени со вода сместени во карпите. Водата брзо се загрева и тие се идеално место за капење. До месноста може да се дојде преку асфалтниот пат од градот Демир Капија во насока кон селото Дрен. Пред самото маало и месноста Топли Вирови, патот станува макадам. Луѓе што одат на лето да се капат во топлите вирови посочуваат дека се спушта многу чиста вода од планините, се собира во природно формираните карпести корита и многу добро се загрева. Велат дека сезоната за капење обично почнува во јуни и трае до крајот на август.
(С.Бл.)