Под мотото „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, со стартот на новата учебна година, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи започнуваат нова кампања.
Со оваа кампања тие испраќаат апел до сите учесници во сообраќајот и до возачите и до родителите да пристапуваат со намалена брзина и зголемена претпазливост во зоните на смирен сообраќај (Зона 30 км/час.), особено околу училиштата и образовни институции, да ги почитуваат сигнализацијата и пешачките премини, особено во утринските и попладневните часови, никогаш да не паркираат на места што ја попречуваат прегледноста кај пешачките премини.
Освен тоа, им се препорачува на родителите да разговараат со децата за важноста на безбедно движење по улиците и да ги советуваат да го поминуваат коловозот само на пешачки премин или натпатник или потпатник, како и да погледнат во двете насоки на сообраќај пред да зачекорат преку пешачкиот премин, да ги научат да ги користат тротоарите и да се движат внимателно, особено околу паркирани возила на тротоарите.
Тие имаат и мини совети до малите пешаци, a тоа се: да изберат безбедна патека до училиштето – по тротоар, а не покрај коловоз, да ја преминат улицата само на обележан пешачки премин и, кога го има, кога е активно зеленото човече (светло) на семафорот за пешаци, да не играат близу до улицата и паркираните возила, никогаш да не поминуваат со трчање преку улицата или помеѓу паркираните автомобили. Притоа, доколку некое другарче се однесува неодговорно и ненадејно излегува или игра на коловозот, да му се укаже на грешката која ја прави. Апелираат малите пешаци да бидат внимателни во близина на електричните тротинети, велосипеди и мотори, бидејќи тие може да се движат со голема брзина и постои опасност да ги повредат при движење, стои во соопштението од советот за безбедност.
– Кога децата ги стекнуваат овие навики уште во основно училиште, се гради довербата и основата од која понатаму растат во одговорни учесници во сообраќајот не само за себе, туку и за другите“, велат од РСБСП.
Оттаму апелираат дека секое непочитување на правилата ќе биде сериозно и ризично за сите.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатите пет години, 771 лице го загубиле животот во сообраќајни несреќи, а најчеста причина и понатаму се брзото возење, непочитување на првенство на минување, возење во спротивна насока, и управување под дејство на алкохол.