Д-р САШКО ОЛУМЧЕВ: Почна сезоната на вируси и короната чука на врата!

338
– Новите соеви на ковид, кои се подваријанти на сојот омикрон, не би требало да нè плашат и покрај страшните имиња. Тоа се поблаги соеви на ковид, од една страна, поради тоа што практично сите сме биле во контакт со вирусот барем еднаш, а некои од нас се вакцинирани повеќе од еднаш, па затоа сите стекнавме одреден имунитет и затоа клиничката слика е поблага. Но, сепак, не треба да се залажуваме. Имено, јас очекувам оваа година бројот на заболени од ковид да биде поголем од ланскиот, од едноставна причина што на сите нас ни опаѓа имунитетот што сме го стекнале со примањето на вакцините против ковид – изјави д-р Олумчев за весникот ВЕЧЕР. Тој вели дека иако почнува сезоната на вируси, во моментов епидемиолошката ситуација е стабилна.

 

Иако почнува сезоната на вируси, епидемиолошката ситуација во моментов е стабилна. Освен респираторниот синцијален вирус, циркулира и ковидот и очекуваме да се зголемува бројот на заболени од грип во наредниот период, и тоа, пред сè, во поголемите градови. Изминатата недела немавме некое поголемо оптоварување во чекалниците на здравствените домови. Кривата на заболени од грип обично почнува да расте кон крајот на декември и почетокот на јануари. Тоа е време на зимскиот распуст и на зимските одмори, кога се почести контактите меѓу населението. Ова, во разговор за весникот ВЕЧЕР, го изјави Сашко Олумчев, доктор епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Гевгелија.

– Убаво што го водиме овој разговор во оваа, 40. недела од 2025 година, кога и официјално започнува сезоната на грипот, откога ние, епидемиолозите, почнуваме да ги следиме бројките. Времето станува постудено, повеќе луѓе се собираат во затворен простор и ова создава идеални услови за ширење на респираторните инфекции – вели д-р Олумчев.

Вели дека сè уште е присутен ковидот и ќе биде и натаму, сезонски повеќе во потоплите краеви.

– Годинашниот пик на ковидот се случи по годишните одмори, во 38. недела од оваа година. Заболуваа претежно повозрасни луѓе со коморбидитет, кои беа секундарно инфицирани од оние што се враќаа од летен одмор. Но, сепак, се работеше за полесна симптоматологија. Новите соеви на ковид, кои се подваријанти на сојот омикрон, не би требало да нè плашат и покрај страшните имиња. Тоа се поблаги соеви на ковид, од една страна, поради тоа што практично сите сме биле во контакт со вирусот барем еднаш, а некои од нас се вакцинирани повеќе од еднаш, па затоа сите стекнавме одреден имунитет и затоа клиничката слика е поблага. Но, сепак, не треба да се залажуваме. Имено, јас очекувам оваа година бројот на заболени од ковид да биде поголем од ланскиот, од едноставна причина што на сите нас ни опаѓа имунитетот што сме го стекнале со примањето на вакцините против ковид. Очекувам, поради тоа,  оваа година да ни се јави една „дупка“ во нашиот колективен имунитет, затоа што вирусот на ковид повеќе не е толку силен за да може да создава антигена стимулација. Но, затоа симптоматологијата ќе биде полесна, освен кај луѓето што се повозрасни или што имаат некоја придружна болест – вели д-р Олумчев.

Тој потсетува дека придржувањето кон основните хигиенски мерки и одговорното однесување значително го намалуваат ризикот од пренесување на инфекцијата.

– Кога сме во затворен простор, треба да ги држиме прозорците отворени и почесто да ги проветруваме просториите, особено оние во градинките, училиштата и нормално, во болниците. Да избегнуваме толпи и, секако, да јадеме многу овошје и зеленчук и соодветно да се хидрираме. Ова се очигледните мерки што им ги предлагам на сите. Доколку, сепак, почувствувате тегоби и имате висока температура, земете симптоматски лекови за намалување на температурата, повеќе витамини и одморајте се. Доколку не помага тоа, секако, јавете се кај вашиот матичен лекар – вели д-р Олумчев.

Министерството за здравство веќе информираше дека е потпишан договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип. Станува збор за четиривалентни вакцини од реномираниот производител „Абот“ од Холандија, кои се очекува да пристигнат во текот на наредната недела, по што, од втората половина на октомври, ќе почне вакцинирањето. Системот за пријавување за вакцинирање е истиот, а граѓаните може да се пријават на страницата vakcinacija.mk. (Љ.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ