петок, јануари 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ: Бројот на грипозни расте, препорачувам одлагање на второто полугодие

Д-Р САШКО ОЛУМЧЕВ: Бројот на грипозни расте, препорачувам одлагање на второто полугодие

57
Ако ситуацијата е таква каква што е во моментот, и бројките на заболени и понатаму растат, со наплив на заболени од работоспособното населени кои  се со симптоми на акутни респираторни заболувања, според мое мислење добро би било почетокот на второто полугодие да се одложи до 1 февруари. Ќе напоменам во прилог на ова дека во светот веќе е достигнат пикот на овосезонскиот грип, а бидејќи, според анализите очекувам дека кај нас тој пик ќе започне за една недела, што се поклопува со почетокот на второто полугодие, би требало, што не значи дека ќе се случи, да се помести почетокот на вториот дел на учебната година, вели д-р Сашко Олумчев во интервјуто за весникот ВЕЧЕР. Тој вели дека вакцините и натаму остануваат најдобрата заштита од грипот

 

Д-р Сашко Олумчев, епидемиолог од Институтот за јавно здравје Велес, подрачна единица Гевгелија, досега често ни гостувал на страниците на весникот ВЕЧЕР. Ги паметиме неговите извештаи од времето на епидемијата на „Ковид-19“, а исто така и неговите стручни анализи и препораки за време на сезоните на вирусот на грип, како и за другите вирусни инфекции. Повод за денешното интервју со него е моменталната епидемиолошка ситуација со грипот. Грипот, се чини, полека, но сигурно, зема замав. Влегуваме во втората половина на месец јануари, кога и се очекува почеток на пикот на овогодинешната сезона на вирусот на грип. Ординациите веќе се полни со болни пациенти, а се зголемува и бројот на хоспитализирани пациенти. Покрај ова, најмногу не интересираше неговато истражување на тема – Нè заштитува  ли вакцината од грип оваа сезона?

Докторе, пред да ве прашам за вакцинацијата и нејзината ефикасност, сакам да ми одговорите на што се должи зголемениот број на заболени од инфлуенца во споредба со минатата година. Тој е зголемен 5,2 пати, а според просекот на последните 15 сезони,  38,7% повеќе, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).?

„Да кажам дека е променета целокупната слика на вирусот на грипот, во циркулација е влезен поттип на вирус А, со подваријанта К која е предоминантна и создава посериозна ситуација. Имено, голем дел од населението немало изложеност на овој поттип  во минатите сезони. Тоа доведе до т. н. „избледнување“ на имуната меморија, чие одржување во кондиција бара постојани стимули кои се остваруваат преку постојани контакти или „средби“ со вирусот на инфлуенца А, поттип К.

Во однос на возраста, најмногу од заболените се на возраст до 14 години, што е и нормално. Имено малите деца имаат имунитет од мајките, а поголемиот дел од оние до 14 години не се вакцинирани и се без имунитет. Тие се ударната популација додека не создадат природен имунитет или со вакцинирање.“

-Токму оваа популација го сочинува и поголемиот број на ученици. На прагот сме на почетокот на второто полугодие од учебната 2025/2026 година, па затоа кое е вашето мислење околу тоа дали ќе треба овој почеток да се одложи за извесно време?

Ако ситуацијата е таква каква што е во моментот, и бројките на заболени и понатаму растат, со наплив на заболени од работоспособното населени кои  се со симптоми на акутни респираторни заболувања, според мое мислење добро би било почетокот на второто полугодие да се одложи до 1 февруари. Ќе напоменам во прилог на ова дека во светот веќе е достигнат пикот на овосезонскиот грип, а бидејќи, според анализите очекувам дека кај нас тој пик ќе започне за една недела, што се поклопува со почетокот на второто полугодие, би требало, што не значи дека ќе се случи, да се помести почетокот на вториот дел на училишната 2025/2026 година.

– Неодамна направивте истражување на една интересна тема,  не штити ли вакцинацијата од грип оваа сезона. Која беше поентата за ова ваше истражување?

„Во споредба со минатогодишната сезона, која имаше посилен интензитет нешто подоцна во зимскиот период, актуелната сезона започна порано и покажуваше побрз пораст на активноста во првите девет недели од следењето. Минатата сезона исто така беше доминирана од вируси од типот А, но со порамномерна застапеност меѓу A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), додека оваа доминира А со подваријантата К. Сакав да докажам, научно се разбира, дека иако во овогодишната вакцина од грип не е содржана компонентата на подвидот К, сепак, таа антигенски  доста се поклопува, што значи дека не штити  од потешка симтоматологија.“

Што покажуваат научните податоци за новите соеви на инфлуенца A(H3N2) ) J.2.4.1, познат како K subclade и што значи тоа за граѓаните?

„Вниманието го насочив  кон анализа на два блиски, но не целосно исти соја на инфлуенца A(H3N2): Influenza A(H3N2) J.2.4.1, познат како K subclade, и Influenza A/H3N2/Norway/8765/2025како референтен сој на K subclade, иInfluenza A(H3N2) Croatia/10136RV/2023 сојот кој е вклучен во вакцината за оваа сезона. Вакцината е направена врз основа на глобалните прогнози, но вирусот, како и секогаш, продолжува да се менува. За жал оваа сезона Influenza A(H3N2) J.2.4.1, познат како K subclade, направи сериозни 7 (седум) мутации што го направи актуелен од јавно здравствен аспект. Анализата ја направив со помош на епидемиолошките алатки, а споредбениот сој Influenza A(H3N2) Croatia/10136RV/2023 е земен бидејки партиципира како претставник на Influenza A(H3N2)  во составот на вакцината против сезонски грип која се аплицира оваа сезона.“

– Колку се „слични“ овие вируси?

„Научниците зборуваат за таканаречено антигенско преклопување, односно колку слични се деловите од вирусот што нашиот имун систем ги препознава. Ако тие делови се доволно слични, вакцината може да нè заштити и од варијанта што не е целосно идентична со вакциналниот сој.Во конкретниот случај, анализите на антигенската структура на хемаглутининот покажуваат дека Influenza A(H3N2) J.2.4.1 (K subclade) и A/Norway/8765/2025 како референтен вирус кој е детектибилен и споредбен со К субкладата делат значаен, но не и целосен дел од своите антигени. Во просек, процентот на заеднички антигени се движи меѓу 55 и 68 проценти, во зависност од популацијата и регионот.Тоа значи дека вакцината нема да биде „совршено погодена“, доколку A/Norway/8765/2025 како најблизок подсој на K subclade  би бил во составот на сезонската вакцина, но сепак би обезбедил сериозна заштита, особено од потешките форми на болеста и кај ризичните групи на граѓани.“

– Што значат овие бројкиво реалноста?

„Според проценките, кај децата и работоспособнотонаселение вакцината може да обезбеди околу 55 – 60% заштита, доколку Influenza A(H3N2) subclade K стане доминантен сој кој ќе циркулира во популацијата Овие бројки можеби звучат скромно, но од јавно-здравственаспект се исклучително важни.Овие бројки не значат дека вакцината е неефикасна. Напротив, дури и при вакцинална ефикасност од 30–40 %, се постигнува значајно намалување на бројот на тешките форми на болеста, хоспитализациите и смртноста. Сепак, тие укажуваат дека постои можност од појава на повеќе таканаречени ,,пробивни инфекции,,, односно инфекции кај веќе вакцинирани лица, особено кај постарата популација,популацијата на хронични болни како и кај лицата со здравствен ризик.“

Која е пораката за граѓаните и заклучокот од оваа ваша анализа?

„Издвоив 5 клучни факти за граѓаните 1. Вакцината не е „промашена“. 2. Заштитата не е целосна, но е значајна 3. Помал ризик од тешка болест. 4. Можни се пробивни инфекции но тие најчесто поминуваат полесно отколку кај невакцинираните. 5. Вакцинацијата и понатаму е најдобра заштита
Иако вирусот на грип повторно покажува дека е „чекор пред нас“, науката јасно порачува: вакцинацијата останува најсилната алатка што ја имаме. Таа можеби нема да спречи секоја инфекција, но може да спречи најтешките исходи. Во сезона кога  циркулира   изменет H3N2 сој, информираноста, навремената вакцинација и одговорното однесување се најдобрата инвестиција во сопственото и јавното здравје.“ (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ