Д-р Патрик Матх: Реновираме и опремуваме болнички одделенија, кубуриме со лекари специјалисти, а барањата на пациентите се зголемуваат!

Сите болнички установи во Македонија имаат сериозен кадровски дефицит – медицински сестри, болничари и хигиеничари и она до кое најтешко се доаѓа, лекари специјалисти. Со ваков проблем се соочува и Општата болница со проширена дејност во Гевгелија. Директорот на оваа болница во разговор за весникот ВЕЧЕР вели дека се обидува да се справи со наследените проблеми во болницата. – За сето она што сум го замислил потребно е време, а барањата на пациентите од ден на ден се зголемуваат. Тешко е да се менаџира со Општа болница Гевгелија која се грижи за здравјето на околу 60.000 луѓе од Гевгелија, Валандово, Дојран, па би рекол и Демир Капија. Уште и во услови кога имаме недостаток на медицински кадар. Но, се нафатив на оваа функција за да придонесам во наредниот период Општата болница со проширена дејност кадровски да се екипира, пациентите да бидат колку е можно позадоволни од услугите што ќе ги добиваат во нашата установа, а персоналот од условите во кои ќе работат, нагласува доктор Патрик Матх, кој е на чело на гевгелиската болница од пред една година

1041

Пред една година прифативте да бидете директор на Општата Болница во Гевгелија, кој ви беше предизвикот?

– Не е лесно да одговорам на ова прашање, затоа што да се биде директор на една ваква болница е сериозен предизвик од неколку аспекти. Финансискиот и не е толку голем, бидејќи во моментот сме во добра финансиска ситуација. Ме загрижува кадровската ситуација во Општата болница. Сите болнички установи во Македонија, па и нашата, имаат сериозен кадровски дефицит – медицински сестри, болничари и хигиеничари и она до кое најтешко се доаѓа, лекари специјалисти. Тие се базата на работењето на секоја здравствена установа и да кажам дека во тој поглед наследив лоша кадровска ситуација. Тоа е поради фактот што години наназад се водела лоша кадровска политика. Не навлегувам од кои причини и не сакам да обвинам никого, но факт е дека имаме недостаток од специјалисти од различни области.

Би посочил и уште еден горлив проблем, а тоа е што во многу од нашите одделенија за година или две ќе немаме носители на дејност. Ќе се доведеме во ситуација да мораме да „увезуваме“ доктори со лиценца за да може да добиеме законска основа за функционирање на одделенијата. Добро е познато, за да изградите еден специјалист со сопствено залагање, потребни ви се 4 до 6 години. Тоа значи дека доколку сега би воделе успешна кадровска политика во наредните две до три години, би имале кадровски соодветно екипирана болница за 6 до 9 години. Тоа е долг период, затоа што имаме и ќе имаме пациенти и ние сме обврзани, без разлика на кадровските проблеми, на сите граѓани од регионот да им пружиме соодветна медицинска заштита – примарна и секундарна.

Кој медицински кадар во моментов најмногу недостасува во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Гевгелија?

– Најургентен проблем имаме со Детското одделение, со специјалисти – педијатри. Имаме само двајца, во одделение и во превентива. Ние, за прв пат имаме дежурства на педијатрија, за да можеме да пружиме услуги 24/7. Одделението ни е преполно. Затоа планираме во септември да пуштиме на специјализација еден доктор, и во 2026 уште еден.

Друг проблем е Невролошкото одделение, бидејќи една колешка ни заминува во ГОБ „8 Септември“ во Скопје, така што ќе останеме само со еден колега, кој ги продолжи своите работни активности по исполнувањето на услов за пензионирање. Тој ќе работи уште две години и потоа остануваме без невролог во Гевгелија. Значи ќе мораме да позајмуваме од медицинска институција од друг град.

Следен проблем ни е гинеколошкото одделение, но за среќа не е толку голем. Таму работат две колешки специјалисти, но проблемот тука е медицинскиот кадар. Сите акушерки заминаа во пензија и затоа во овој момент не се вршат породувања во гевгелиската болница. Но, наскоро очекувам овој проблем да биде надминат и во Гевгелија повторно да се вршат породувања.

Овие турбуленции со персоналот не се нималку за потценување. Ова го поткрепувам со фактот што во 2024 година во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност немаше распишано оглас за вработување, додека во пензија си заминаа десет лица. Со ова продолжи тенденцијата за намалување на вкупната бројка на вработени лица и сега таа изнесува вкупно 200, а за нормално функционирање на сите одделенија во Болницата ни се потребни 240-250 вработени. Можете да замислите како функционираме со недостаток на 40 вработени, а тоа не може да се промени преку ноќ, туку се потребни години.

Како се снаоѓате во ваква ситуација?

– Токму поради недостаток на медицински персонал за 2025 година, склучени се договори за вршење на здравствена дејност со специјалисти од други здравствени установи, и тоа специјалисти по анестезиологија, специјалисти по педијатрија и специјалист по урологија.

За 2025 година ни се одобрени пет специјализации, двајца доктори веќе добија специјализација, и тоа еден за интерна медицина и еден рендгенолог. Во септември ќе ни бидат одобрени уште три специјализации и тоа по неврологија, педијатрија и физикална медицина и рехабилитација.

Од оние доктори кои ни се на специјализација еден е вратен – специјалистот по офтамологија, а при крај со специјализацијата се специјализантите по инфективна медицина, уво, нос и грло и анестезиологија.

Во меѓувреме презедовме еден специјализант по анестезиологија, кој добро ќе ни дојде во моментот кога одделението за хирургија работи под полна пареа, а во моментот имаме само еден анестезиолог кој мака мачи да одговори на сите потреби.

И покрај сè она што го споменавте како проблем, за прв пат неодамна во Општата болница со проширена дејност беше извршена операција на скршеница.

– Мора да истакнам дека сум презадоволен од колегата ортопед кој не само што извршува ортопедски оперативни зафати туку и третира трауматологија. Во неговата работа му помага ортопед кој е на трета година специјализација. Во наредниот период ќе набавиме нов артроскоп и со ваквите зафати ќе им излеземе во пресрет на многу пациенти кои за вакви услуги одеа во други градови. Исто така, во план е во наредната година или две да почнеме да изведуваме имплантации на колено и колк, што ќе биде сериозен предизвик за нашата болница.

До каде е трансформацијата на оној персонал кој досега работеше со договор на дело?

– Такви имаме 10 вработени кои треба да добијат решенија за работа на неопределено време. Целата постапка е веќе завршена и се чека само на Министерството за финансии да даде согласност. Очекувам тоа да се случи наскоро и овие вработени да ги добијат долгоочекуваните решенија. Со тоа ќе се отвори можност за нови вработувања со договор на дело, за да може да го надополниме недостатокот на медицински сестри, особено во одделението за гинекологија, за да може повторно во нашата болничка установа да се изведуваат породувања.

Каква е ситуацијата со рендгенската дијагностика, не работи мамографот?

– Мамографот ни е најболната точка бидејќи е расипан, а нов чини 200.000 евра. За поправка требаат 80 до 90 илјади евра и не ни гарантираат дека ќе работи нормално. Затоа преку Министерството за здравство очекувам наскоро да добиеме нов мамограф и со тоа да го решиме овој проблем.

Што се однесува до компјутерскиот томограф, може да речам дека во изминатиот период беше преоптоварен, едноставно поради фактот што освен за пациентите од општина Гевгелија го користевме и за пациенти од општина Струмица. Во неколку наврати тој се расипуваше. Иако деловите се скапи за него, успеавме да ги санираме дефектите за да може нормално да функционира.

Колегите од Одделот за рендгенологија работат навистина посветено, имаат изработено огромен број компјутерски томографи и сум презадоволен од нивната работа. Порано го немавме овој томограф и нашите пациенти беа присилени да одат во други болнички установи.

Додека го правиме ова интервју, во Општата болница се изведуваат градежни активности. Ќе ни кажете ли за што се работи?

– Се работи за инфраструктурно уредување на Интерното одделение со донација од 100.000 евра на општествено одговорната компанија од Гевгелија, „Конти хидропласт“. Комплетно ќе се реновираат просториите за пациентите и за персоналот, и можам да кажам дека до септември ќе имаме можеби едно од најубаво уредените интерни одделенија во државата.

Претходно, исто така со донации на повеќе компании, беше извршена комплетна реконструкција и беше набавена комплетна опрема на Одделението за детска превентивна стоматологија, едно одделение кое беше во катастрофално лоша состојба, оставено на забот на времето 30 години. Соработката со приватниот сектор е клучен елемент и преку таквите примери компаниите ја препознаваат важноста на вложувањето во заедницата.

Да напоменам дека се одобрени средства од проект за прекугранична соработка во износ од 240.000 евра што ќе бидат употребени за комплетно инфраструктурно уредување и набавка на опрема за Одделението за физикална медицина и рехабилитација. За година до две, ова одделение ќе добие сосема нов изглед.

Имате ли директоре Матх слободно време?

– Со два збора ако треба да одговорам, би рекол дека дома немам. И кога сум дома, телефонот постојано ѕвони. Ми се чини како да ми е малку денот, и би сакал наместо 24 тој да трае 25 часа. Постојано сум во комуникација со колегите директори на болниците во Валандово, Струмица и Штип и колегата од НПБ во Негорци, се консултираме за тековните работи, но и за здравјето на нашите пациенти.

Кога се нафатив за оваа работа имав своја визија, која од хартија сакам да ја преточам во практика. За сето она што сум го замислил е потребно време, а барањата на пациентите од ден на ден се зголемуваат. Тешко е да се менаџира со Општа болница Гевгелија која се грижи за здравјето на околу 60.000 луѓе од Гевгелија, Валандово, Дојран, па би рекол и Демир Капија. Уште и во услови кога имаме недостаток на медицински кадар. Но, се нафатив на оваа функција за да придонесам во наредниот период Општата болница со проширена дејност кадровски да се екипира, пациентите да бидат колку е можно позадоволни од услугите што ќе ги добиваат во нашата установа, а персоналот од условите во кои ќе работат. Кога го прифатив предизвикот знаев што ме чека и не се жалам. Затоа, очекувам кога некои работи ќе си дојдат на свое место, да имам повеќе слободно време.

ИЗДВОЕНИ