Д-р Олумчев: Вакцинирајте се, оваа сезона на грип би можела да биде најтешката во последните 10 години!

Мутациите на вирусот на грип се јавуваат како и кај сите други вируси. Во специфична ситуација, ова би можело да значи дека овој вирус би можел да предизвика одредени потешки клинички форми на болеста кај оние што не се вакцинирани. Затоа, заклучува доктор Олумчев, без оглед на овие податоци, се препорачува вакцинација, особено затоа што со одредени мутации на вирусот на грип, телото ќе реагира во контекст на заштита, на свој начин. Грипот се појавува секоја зима, но оваа година „нешто е различно“, велат експертите од Светскиот центар за грип при Институтот „Френсис Крик“. Според нивните истражувања, вирусот на грип мутирал и избегнува дел од имунолошкиот систем

107

Грипот се појавува секоја зима, но оваа година „нешто е различно“, велат експертите од Светскиот центар за грип при Институтот „Френсис Крик“. Според нивните истражувања, вирусот на грип мутирал и избегнува дел од имунолошкиот систем.

– Долго време не сме виделе ваков вирус, овие шеми се невообичаени. Загрижена сум, апсолутно. Не паничам, но загрижена сум – изјави професорката Никола Луис, директорка на Светскиот центар за грип.

Научниците ја следат еволуцијата на вирусот на грип бидејќи постојано се менува, па затоа вакцината мора да се ажурира секоја година, пишува Би-би-си.

И епидемиологот д-р Сашко Олумчев од гевгелискиот Центар за јавно здравје потврдува дека мутацијата на вирусот H3N2, познат по својата сериозност, особено кај постарите лица, годинава станал повеќе заразен.

– Гледам дека според проекциите на некои светски медиуми, претстојната сезона на грип би можела да биде најтешка во последните десет години. Процените се поврзани со неодамнешните мутации на одредени соеви на вирусот – вели Олумчев.

Мутациите на вирусот на грип се јавуваат како и кај сите други вируси. Во специфична ситуација, ова би можело да значи дека кај оние што не се вакцинирани, овој вирус би можел да предизвика одредени и потешки клинички форми на болеста. Затоа, заклучува доктор Олумчев, без оглед на овие податоци, се препорачува вакцинација, особено затоа што со одредени мутации на вирусот на грип, телото ќе реагира во контекст на заштита, на свој начин.

Инаку, според податоците од последниот извештај на Институтот за јавно здравје, во Македонија, пријавени се 116 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 23,4 % во споредба со минатата недела.

Според тој извештај, во сезоната 2025/2026, вкупниот број случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 454. Во споредба со тој период од минатата сезона (n=262), бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,3 %,

Инаку, во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Гевгелија започна вакцинацијата против сезонски грип. Вакцинацијата, како што соопшти д-р Олумчев, се спроведува секој ден во трите пункта што се наоѓаа во Општата болница со проширена дејност Гевгелија.

– Може да се пофалам дека во Гевгелија и оваа сезона имаме голем број вакцинирани граѓани. Впрочем, со години наназад, би рекол во последните 20 години, бројот на вакцинирани расте, што ни покажува дека вакцината против грип создава еден солиден имунитет, особено кај хронично болните и кај повозрасната популација – вели доктор Олумчев.

Во врска со проблемот што во моментов сајтот за вакцинација при Министерството за здравство не прима пријави за вакцинирање, д-р Олумчев појаснува дека тоа е поради фактот што на почетокот од ноември било објавено дека се пријавени над 76.000 лица за вакцинирање, а набавените дози на четиривалентната вакцина изнесуваа 80.000. Имам информација, додава д-р Олумчев, дека доколку има интерес за вакцинирање кај населението, Министерството за здравство во наредниот период ќе набави дополнителен број вакцини против грип.

Доктор Олумчев потсети дека освен со бесплатна вакцина против сезонски грип, заинтересираните граѓани можат да се вакцинираат и со комерцијална вакцина, која чини 700 денари. (Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ