Институт за јавно здравје во четврток информира дека за прв пат во нашата држава лабораториски се потврдени два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници.
Од ЈЗУ Институт за јавно здравје, информираат дека од клиниката за кожни болести им биле упатени два пациенти суспектни за Monkeypox – Мајмунски сипаници и воедно беше упатно назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
Докторот и епидемиол Драган Даниловски појаснува што треба да знаете за оваа заразна болест.
Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат:
• Треска
• Главоболка
• Болки во мускулите и грбот
• Зголемени лимфни жлезди
• Исцрпеност
• Кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото
Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.
Како се пренесува?
– Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице;
– Близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос;
– Контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор;
– Респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.
Важно: Болеста не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт! – потенцира доктор Даниловски
Ризикот за епидемија е многу низок, а состојбата се следи од здравствените власти, додава тој.
Што да направите за сопствена заштита?
– Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода);
– Избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети;
– Консултирајте лекар при сомнителен осип.
Д-р Даниловски апелира јавноста да се информира од релевантни извори – не од гласини!
– Мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата бара информираност и претпазливост, но не и паника. За повеќе информации, посетете ја веб-страницата на Институтот за јавно здравје.