„Д (како Дездемона)“ на познатата македонска кореографка и балерина, Рисима Рисимкин, ќе гостува на 13 септември на „Шекспир фестивал“ во Верона, Италија.
„Рисима Рисимкин ги поместува границите на театарската форма – воведувајќи го говорниот збор во невербалниот театар, вградувајќи го класичниот балет во современиот танц – и тоа го прави со елеганција и намера. Таа е уметница неограничена од конвенции, слободно црпејќи од алатките потребни за да ја пренесе својата визија за светот преку јазик кој е единствено нејзин“– кажа грузискиот критичар Лаша Чхартишвили за изведбата на современата танцова претстава на Рисима Рисимкин, по нејзината изведба на отворањето на „Интернационалниот фестивал“ за монодрама во Битола.
Оваа претстава е втор дел од трилогијата „Жените во творештвото на Шекспир“, тема со која Рисимкин се бави во последниве неколку години. Таа е во кореографија на Рисима Рисимкин, музиката е на Тони Китановски, дизајнот на сцената и осветлувањето се на Матеа Мијановиќ, а костимите се на Благој Мицевски. Премиерно се изведе во рамките на манифестацијата „Денови на македонски кореографи“ во организација на Националната опера и балет. Со оваа претстава се отвори 26. издание на Фестивалот на монодрама во Битола на 17 мај 2025. Во претставата учествуваат осум танчари: Дездемона – Анастасија Данчевска; Јаго – Дејан Битровски; Отело – Лука Ѓорѓиевски; Емилија – Сара Димовска; Смртта – Давор Милев; Гласови: Надја Луканова, Елена Терзиева, Ивона Маневска.
Рисимкин годинава одбележува 45 години уметничко творештво, таа е добитник на повеќе признанија меѓу кои и на Витез од редот на уметностите и книжевноста на Франција. Со своите претстави гостува на врвни сцени низ светот, каде што ја претставува Македонија, меѓу другото I во Париз, Њујорк, Хаг, Пекинг, Амстердам, Келн, Дизелдорф, Лајпциг, Лисабон, Архус итн. Рисимкин првпат се претстави пред италијанската публика во 2023 година, кога ја изведе претставата „Лејди Магбет“, која ги одушеви гледачите, а критиката во весникот „Веронасера“ ја оцени со зборовите: „Автентично откритие на фестивалот беше талентираната македонска кореографка, Рисима Рисимкин, која со својата мошне оригинална верзија на ликот на Лејди Магбет забележа рекорден број на посетеност и исполнетост на салата на театарот ’Камплој’…“