По повод 40 години творење и 81 година живот, како и Денот на возрасните лица, 1. Октомври, истакнатиот уметник сликар и хуманист, Живко Поповски – Цветин на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија му отстапи на користење 15 свои дела-слики без надомест. Договорот за отстапување на сликите го потпишаа директорот на Фондот, Никола Мемов и сликарот Поповски.

Мемов рече дека му преставува особена чест што делата  на овој наш и светски уметник ќе ги красат просториите на Фондот.

– Ние треба да се гордееме што во Македонија имаме уметник кој со својата благородна мисија, „Цвеќето на мирот“, го збогатува културното наследство на нашата земја и придонесува нејзиното име да се споменува, преку неговите дела насекаде во светот. Уште поголема е гордоста да ги имаме неговите дела кај нас во Фондот, кога се знае дека Живко Поповски – Цветин бил и кандидат за Нобеловата награда за мир и со својата мисија и работа ги поттикнува благородните чувства кај луѓето и покажува дека односите во светот треба да се темелат на мир, соработка и взаемно почитување – рече Мемов.

Уметникот и миротворецот, Живко Поповски – Цветин потенцира дека му претставува големо задоволство што Мемов покажал интерес  за неговите дела и изразил желба истите да бидат изложени во просториите на  Фондот.

– Убавината на творењето е во тоа што може да ги оплемени луѓето и да придонесе тие да го гледаат светот од еден поинаков агол, полн со разбирање, љубов и почит за различното – додаде Живко Поповски – Цветин.

Цветин во Македонија и во светска јавност е познат и почитуван уметник, особено со својата мисија „Цвеќето на мирот“, и има реализирано повеќе од 300 изложби во нашата земја и поранешните југословенски републики, потоа во Шведска, Полска, Германија, Италија, САД, Канада, Романија, Турција, Бугарија и други земји низ светот. Во 2015 година има создадено слика долга илјада и еден метар.

Неговите дела се наоѓаат и на 14 доплатни поштенски марки, на над 50 насловни страници на книги поезија, на календари. Живко Поповски – Цветин во својата четири децениска работа и творештво има  подарено над 70 илјади слики кои се наоѓаат во домовите на претседатели на држави, парламентарци, уметници, поети, музичари, спортисти, како и во многу институции во Македонија и светот.

ИЗДВОЕНИ