петок, февруари 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија по отворање предмети за судир...

Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија по отворање предмети за судир на интереси

105

Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, денеска си поднесе оставка од функцијата, за ова писмено го известила и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Во оставката, Ристовска наведува дека одлуката ја донела согласно член 14 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по неколкунеделните јавни полемики и сомнежи поврзани со нејзината работа во Комисијата. Таа истакнува дека оставката е неотповиклива и дека во текот на целата професионална кариера работела законито, совесно и со најдобра намера.

Ристовска наведува дека жали доколку одредени околности или можни административни пропусти довеле до неосновани сомнежи во јавноста, потенцирајќи дека во сите случаи кога постоела можност за судир на интереси, барала изземање, согласно законот. Таа додава дека никогаш немала намера да прикрива информации и дека ги почитувала сите законски обврски.

Оставката на Ристовска следи откако институцијата каде работи таа, ДКСК отвори два предмети кои се однесуваат за неа – за можен судир на интереси и за непријавување имот.

Како што објави телевизијата Телма, првиот предмет се однесува на фирма во сопственост на еден од нејзините синови, која добивала средства за маркетинг услуги во кампањата за претседателските избори во 2024 година. Според јавно достапните податоци, фирмата „Буст ДООЕЛ“ добила по околу 35 илјади евра од кампањите на претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ. Токму финансирањето и рекламирањето на изборните кампањи е една од областите што ги надгледува Антикорупциската комисија. Истата фирма, според објавените информации, добивала средства и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, во период кога Ристовска била помошник државен ревизор.

Вториот предмет, го објави политичката партија Левица, се однесува на тоа дека Ристовска во својот анкетен лист не ги пријавила маркетинг фирмите на своите двајца синови.

Во оставката, Ристовска порачува дека секој носител на јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет и ѝ посакува на ДКСК успешна и професионална работа во служба на јавниот интерес.

Овој состав на Антикорупциска лани беше во центарот на вниманието откако поранешната претседателка Татјана Димитровска беше обвинета во случајот „Адитив“ поради откривање на информации на обвинет во постапката. По нејзината оставка во време на изборите на чело на Комисијата беше токму нејзината колешка Ристовска. По неколку месеци, ДКСК доби нов претседател, а тоа е Адем Чучуљ, кој претходно ја вршеше функцијата државен секретар во комисијата за спречување на корупција.

ИЗДВОЕНИ