Цвета Ристовска член на Антикорупциската комисија ќе го заменува претседателот кој треба да се избере по изборите. Тоа значи дека Ристовска ќе ги предводи седниците за време на изборниот процес, на кои треба брзо да се решава по преставките за пријавуваат нерегуларности, поткуп за гласање, злоупотреба на државни ресурси, државни возила во предизборна кампања, нелегално финансирање на партии и кампањи. Името на Ристовска се прочу во јавноста по предметот што го водеше за директорот на АНБ Бојан Христовски, беше поставено прашање дали неговите универзитетски дипломи беа во судир на интереси со нејзиниот ангажман на истиот факултет. Ристовска ја презема функцијата од Билјана Каракашова Шулев на 21 август и ќе има мандат од шест месеци.Заменик претседателот на ДКСК се избира по принципот на ротација по азбучен ред на период од шест месеци. Бројот на членови на ДКСК по обвиненијата против поранешната претседателка Татјана Димитровска е парен, односно шест, со што се доведува во прашање надгласување во одлучувањето. Веднаш по оставката членовите побараа од Собранието што поскоро да бидат во полн состав заради ефикасно работење. Сепак, претседателот на Комисијата за избори и именување побара мислење од ДКСК од каде се доби одговор дека се ненадлежни да даваат мислење, Ѓорѓи Сајковски рече дека изборот на прв човек на Антикорупциска ќе се одложи за по 3 ноември.
„ Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го следи целиот изборен процес и во случаите на основи за сомневање за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување, соопштија од ДКСК кои ретко кога гласаат различно, вообичаено се едногласни во одлучувањето. Овој состав отстапува од праксата на минатите кои одржуваа пресконференции за медиумите во просториите на комисијата каде што новинарите имаа можност да поставуваат прашања. По завршувањето на вчерашната седница одржана на апликацијата за комуникција ЗУМ, новоизбраната заменик претседателка Ристовска, порача дека институцијата останува посветена на своите законски обврски, без оглед на актуелните случувања поврзани со поранешната претседателка Татјана Димитровска и нагласи дека надлежните органи веќе постапуваат по случајот, а Комисијата продолжува со својата работа.
Во меѓувреме во Собранието се пријавиле десетина кандидати на јавниот оглас за претседател кој заврши вчера. Претседателот на Комисијата за прашања на избори и иманувања Сајкоски за МИА посочи дека конечната бројка би се знаела в понеделник откако ќе пристигнат и оние што се пратени по пошта. Нагласува дека постапката по овој оглас ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршување на локалните избори.
Формираната Комисија за селекција на кандидатите е составена од седум членови – Илбер Руфати, заменик Народен правобранител, двајца од граѓанскиот сектор, Дарко Аврамовски и Бардил Јашари, пратениците Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери Стафаи од ВРЕДИ, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од Европскиот фронт.Членовите на Комисијата за селекција ќе ги бодуваат потесно избраните кандидати и ќе изберат предлог кој ќе се разгледува на матичната комисија.
Собранието на 1 август донесе Одлука за објавување на јавен оглас за избор на претседател на ДКСК откако сега веќе поранешната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинувањата на Обвинителството за гонење организиран криминал и обвиненијата за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна. (П.А.)