По обилните врнежи што го зафатија територијата на Република Северна Македонија, состојбата во најголем дел од државата е стабилизирана, а водостоите на реките бележат опаѓање, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во Пелагонискиот регион, во Битола состојбата е нормализирана, а екипи на ЈП „Нискоградба“ продолжуваат со санација на оштетените патишта. Во Општина Демир Хисар водата се повлече во речните корита, но дел од земјоделските површини во неколку села остануваат заезерени. Локалниот пат кон с. Мренога останува затворен поради оштетен мост, за кој ќе следува стручна проценка и санација. Во Крушево и Ресен состојбата е стабилна и нема опасност од излевање на реките.
Во Југозападниот регион, во Охрид нема поплавени објекти, а водостоите се намалени, со повремени мали одрони кои се чистат. Во Струга се регистрирани поплавени дворови и земјоделски површини во селата Мислешево и Калишта, при што водата постепено се повлекува. Во Дебар и Центар Жупа состојбата е редовна, а одроните на патиштата се чистат.
Во Западниот регион, во Кичево водостоите на реките се намалуваат, а комуналните служби, Армијата и локалното население работат на расчистување на последиците од поплавите. Евакуираните лица се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, ридско-планинските подрачја на Општина Кавадарци се чистат од снежна покривка, при што сите патни правци се проодни. Во Североисточниот регион нема излевање на реките, а сите главни и локални патишта се проодни и редовно се чистат, со дополнителни интервенции на регионалниот пат П’клиште – Герман.
Во Полошкиот регион, сите патни правци во Тетово и Гостивар се проодни, снабдувањето со електрична енергија е редовно и нема нарушувања. Во Југоисточниот и Источниот регион нема пријави за штети или непроодни патишта, а ситните одрони на одредени патни правци се континуирано расчистуваат.
ЦУК нагласува дека состојбата е стабилна и се продолжува со надзор и интервенции на терен, особено во региони каде што имало поголеми последици од врнежите.












