Во Крушево, поради поројните врнежи, водата за пиење е заматена и се препорачува превривање најмалку 10 минути. Нивото на Црна река кај селото Бучин е покачено, но водата се повлекла од местата каде претходно имало излевање. Екипи од ЈП „Комуна“, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежните служби работат на зајакнување на насипите кај критичните точки, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.
Проблеми има и во патната инфраструктура. Во општина Демир Хисар, локалниот пат кон селото Мренога е целосно затворен за сообраќај бидејќи мостот на Боишка река е оштетен. Во тетовско, и покрај чистењето, СВР Тетово од безбедносни причини го држи затворен патот кон Бање.
На истокот од земјата, возачите треба да внимаваат на одрони на повеќе патни правци, кои екипите на „Македонијапат“ тековно ги расчистуваат. Сообраќајот на правецот Кочани-Грдовци е нормализиран по интервенцијата на Оризарска река.












