По обилните врнежи што зафатија повеќе делови од државата, Центарот за управување со кризи информира дека Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) дејствува во координација со локалното население и со силите на терен за испумпување на поплавените површини, куќи и објекти. Интервенциите се реализираат по пријави пристигнати на единствениот повикувачки број 112, како и по директни барања од општините.
Тимовите на ДЗС интервенираа во повеќе општини, меѓу кои Сарај, Куманово, Липково, Тетово, Маврово и Ростуше, Кичево и Охрид, а активностите продолжуваат и денеска согласно потребите и можностите, во координација со другите субјекти од Системот за управување со кризи.
Скопски регион: над 30 поплавени куќи во Сарај
Во скопскиот регион, седум тима на ДЗС беа ангажирани во Сарај, поточно во селата Буковиќ и Семениште, каде што беа поплавени над 30 куќи и дворови. Покрај ДЗС, интервенираа и екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Активностите беа насочени кон расчистување и одводнување на зафатените подрачја со цел нормализирање на состојбата.
Кумановско и Липковско: излевање на Слупчанка
Во Липково, реката Слупчанка излегла од своето корито во село Опае, при што бил зафатен дел од населеното место. Излевање било регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се поплавени земјоделски површини. Засега нема пријави за поголеми материјални штети, освен на обработливо земјиште. Во Кратово и Крива Паланка не се регистрирани поплави.
Тетовско: свлечишта и отежнат сообраќај
Во тетовскиот регион, интензивните врнежи предизвикаа зголемен водостој и проблеми со одводните канали. Регистрирани се свлечишта на патниот правец Тетово – Џепчиште, кој е затворен за сообраќај, додека патот кон селото Једуарце е повторно прооден. На делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, а во сила е забрана за тешки товарни возила и автобуси. Засега нема опасност од излевање на поголемите водотеци, а снабдувањето со струја и вода е стабилно.

Гостиварско: спасени заглавени лица
Во гостиварскиот регион се пријавени поплавени куќи, подруми и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, кои безбедно се извлечени. Во село Форино е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон селото Тумчевиште. Ангажирана е механизација за расчистување на речното корито.
Кичево: над 200 евакуирани лица
Според информациите од ЦУК, во Охрид состојбата е стабилна и нема пријави за поплави. Најкритично е во Кичево, каде по излевањето на Зајашка Река се поплавени повеќе куќи и дворови, а над 200 лица се евакуирани. Подоцна биле пријавени уште околу 30 зафатени семејни домови.
Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти. Територијалната противпожарна единица Кичево во претходната и во актуелната поплава реализирала над 250 евакуации, истовремено испумпувајќи вода од витални објекти и институции. Расчистуван е и автопатот кај Колари за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Евакуираните лица кои немаат услови за престој во своите домови се сместени во спортската сала во Кичево. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, директно ја следи и координира состојбата, додека заменик-директорот Кашмир Салиу остана на терен во кичевскиот регион. Од подрачните одделенија на ДЗС во Охрид и Кичево се обезбедени полски кревети и пумпи за испумпување вода.
ДЗС и денеска ќе продолжи со интервенции таму каде што ќе биде побарана помош, при што состојбите континуирано се следат во координација со ЦУК и останатите институции од Системот за управување со кризи.
(С.Бл.)












