Екипата на Вардар 1961 од првото место продолжува во следната фаза од Европската лига на ЕХФ, откако убедливо славеше на гостувањето кај Сесвете во Хрватска (38:24). Освојувачот на Купот на Македонија, го запечати пласманот во Топ-16 фазата од ЕХФ Европската лига и најверојатно таму ќе оди како првопласиран во групата иако тоа нема никаква улога.
Веќе се знае дека најтрофејниот македонски клуб ќе вкрсти со Мелсунген и Бенфика кои обезбедија пласман во Топ-16, пред одигрувањето на последното коло, а во последното коло, во меѓусебен дуел во Лисабон ќе одлучат кој колку бода ќе пренесе во следната фаза. И тој меч е од големо значење за Вардар бидејќи ќе се знае дали ќе има бодовна предност или ќе влезе со исто салдо како новите ривали.
Во Топ-16 фазата Вардар ќе игра само со Мелсунген и Бенфика затоа што ги пренесува бодовите од дуелите со ривалот во групата. Вториот сегмент од ЕХФ Европската лига е на програмата во периодот од 17 февруари до 10 март. Од досегашните резултати во другите групи, може да се заклучи дека Вардар има голема шанса да стигне до завршницата на ЕХФ Европската лига, под услов да ги избегне германските клубови кои се апсолутни фаворити за трофејот во ова натпреварување.











