ЦРВЕНИТЕ ЛИНИИ НА ФИЛИПЧЕ НА „СТЕНД БАЈ“ ПО ИЗБОРИТЕ, ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ СО НАЈАВА: Нова година носи робусна акција со Бугарија

444

За суштинско поместување на прашањето со Бугарија е потребна поробусна акција од друг центар на моќ, изјави вчера македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Таквата акција, според него, би можела да следува на почетокот на претстојната година при што е клучно двете страни да имаат добра волја.

– Потребна е малку поробусна акција од друг центар на моќ. Разговарав со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, откако заврши неговата посета во Софија. Тој таму кажа дека со право бараме гаранции поради сè она што сме го направиле во минатото. Очекувам некаков тип придвижување со почетокот на следната година. Исто така, разговарав и со уште еден премиер на држава која е, би рекол, од редот на првите три во ЕУ и од нивна страна се очекува поробусна акција во насока на решавање на ова прашање. Очекувам да има поголема динамика по Нова година. Нешто суштински да тргне во решавање на тоа прашање – изјави Мицкоски на вчерашниот брифинг со новинарите.

Изјавата на премиерот доаѓа по посетата на еврофункционерот Антонио Кошта на Бугарија и неговата изјава дека е „разумно Македонија да добие гаранции дека нема да има нови услови на нејзиниот пат кон ЕУ по исполнувањето на постојните“. Но и во периодот кога во земјава се заговараат предлози за изработка на посебна резолуција за македонските црвени линии во однос на натамошниот процес на нашата евроинтеграција. Пред еден месец се најавуваше како речиси готова, дека е во финална фаза и дека ќе биде „вин-вин“ решение… но предлогот на резолуцијата што ја најави Венко Филипче сè уште не е готова. Документот во кој треба да биде наведено и тоа дека по исполнувањето на актуелните услови од францускиот предлог – ако се случи некое ново вето – Македонија да ги прекине преговорите со ЕУ, сè уште се работел и не е во фаза кога би можел да се сподели со јавноста која би се изјаснила по неговата содржина. Се чини дека веќе неколкудневното чекање на јавноста ќе мора да продолжи до завршувањето на локалните избори на 2 ноември. Таков впечаток вчера се доби од одговорот на новинарското прашање на весникот ВЕЧЕР за тоа до каде е изработката на резолуцијата на вчерашната конференција за печат од страна на партиската портпаролка Богданка Кузеска.

Таа рече дека процесот се подготвува внимателно, со широка консултација на експерти и партнери.

– Идејата е ова да биде сериозен документ кој ќе ги откочи европските интеграции и ќе има секако реален импакт. Затоа не сакаме да брзаме. Потребно е време да се дојде до вистински формулации кои истовремено ќе бидат прифатливи за сите чинители. За да не се заврши оваа резолуција како дневно-политичка игра. Исто така, во овој случај сме внимателни со можноста за злоупотреба на еден ваков важен документ за изборна кампања од оние што не сакаат да ја видат Македонија во ЕУ. Затоа внимателно ќе го избереме тајмингот кога тоа ќе се случи. Исто така, затоа, ќе ве замолиме за трпение и разбирање во однос на ова прашање – објасни Кузеска.

Според неа, СДСМ за разлика од многу други партии кон ова прашање навистина постапува со голема сериозност и постапува со искрени намери.

Очигледно, во социјалдемократските редови процениле дека е големо прашање дали дефинираните „црвени линии“ од нивна страна би им донеле некакви поени во претстојната изборна кампања во која стартуваат со двојно-тројно помал рејтинг од владината коалиција. Во владините редови и вчера ги повторија своите позиции во однос на предлогот кој треба да го промовира лидерот на опозицијата, Венко Филипче, а со кој  ќе се прецизираат државните позиции во однос на францускиот предлог, односно, кон отворените прашања со Бугарија како и внесувањето на Бугарите во Уставот. Премиерот Мицкоски на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека тие сè уште го очекуваат најавениот документ.

– Резолуцијата ја чекаме веќе цел месец, не сум слушнал дека таков документ се работи во партиски кругови. СДСМ кажа дека работи на резолуција што има црвени линии, пред нешто повеќе од еден месец. Рековме дека со нетрпение ја очекуваме да дојде за и ние да дадеме некаков инпут во таа резолуција. Сѐ уште не е дојдена, кога ќе дојде ќе коментираме повеќе по тоа прашање – рече премиерот.

Од друга страна, лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, прексиноќа најави поддршка на она што ќе го предложи СДСМ но, сепак, со одредени услови. Во интервјуто за телевизија Канал 5, тој рече дека е подготвен на СДСМ да му ги отстапи авторските права на Национална платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, која ЗНАМ ја предложи во декември минатата година. Односно, дека веќе сега го поддржува предлогот на СДСМ под услов национално да не се подгазиме по ниту еден основ како нација.

– На оваа држава ѝ се потребни и позиција и опозиција. Ние мора по многу прашања да имаме соработка и консензус. Се сеќавате на онаа наша Национална платформа. Беше отфрлена веднаш, ад-хок, од страна на Левица и од СДСМ. Од СДСМ дури и ни ја вратија неотворена и спакувана. А сега, СДСМ и Филипче излегоа со исти ставови и нè поканија на една таква национална платформа.Тие се точките, нема што да се открива топла вода. Пред да ја објави Филипче, тоа што е спомнато во нашата на еден или на друг начин ќе биде споменато и во неговиот предлог. За да бидам човек кој е многу поодговорен кон државата, отворено ви кажувам – ние ќе ја прифатиме таа платформа како заедничко решение и консензус кој ги решава сите проблеми во државата, но притоа национално да не се подгазиме по ниту еден основ како нација и да не ги загрозиме нашиот јазик, идентитетот, културата, континуитетот и самобитност. Нека ја земат нашата и нека ја ословат дека е нивна платформа. Не бараме авторски права за истата, нека биде нивна, но нека се соочат со фактот дека ние мора да бидеме национално обединети без разлика од каде и да доаѓа предлогот – нагласи Димитриевски.

Но, лидерот на ЗНАМ беше категоричен во ставот да се држат до она што ќе се прифати и потпише како резолуција од СДСМ.

– За жал, во случај на францускиот предлог не беше така и дозволија мајоризација на малцинството во однос на мнозинството. Прифатија еден предлог со кој Македонија ја донесоа на ова дереџе на кое сме денеска и ние сè уште разговараме за јазик, идентитет, култура во 21 век. Предлогот за одложено дејство на уставните промени го дадов јас, па немаше поддршка зашто додека едни работат, оние другите што сега нудат национална платформа одат во Брисел, плачат и ги напаѓаат тие што ја водат државата тука – нагласи Димитриевски.

Но, по вчерашниот став на СДСМ и натаму останува неизвесно какви сè формулации ќе бидат наведени во нивниот предлог и дали ќе бидат прифатливи за останатите партии во македонското собрание. (Б. Ѓ.)

(рамче)

Н: Кои се црвените линии на ЗНАМ

Во декември минатата година, Движењето ЗНАМ ја претстави Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, која содржи девет точки. Во нив, покрај другото, е наведено дека суверенитетот и територијалниот интегритет на РС Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и неотуѓиви, дека македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. Беше наведено и тоа дека на целата територија на Македонија, како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо и дека македонскиот национален идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, колективната меморија, обичаи, менталитет, јазик…

Се додава и тоа дека Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската Унија како врвна државна, национална и стратегиска цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји членки на Унијата.

– Собранието нагласи дека никој не смее да разговара или да преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен или на надворешен план. Сите такви обиди или дејства Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин – нагласија од ЗНАМ во својот предлог.

ИЗДВОЕНИ