Црвените линии на Филипче денеска на маса: вин-вин или луз-луз?!

СДСМ денеска ја презентира долго најавуваната работна верзија на резолуцијата за црвените линии во евроинтеграциите. Лидерот Венко Филипче повикува на широк политички консензус и вели дека е отворен документот за дебата и за предлози, дека не е готово решение и очекува сите партии во Собранието да дадат свој придонес за да се изгради еден заеднички став за најважната тема во моментов за државава. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е резервиран и бара прво да го види документот, потсетувајќи дека СДСМ и претходно не ги почитувал донесените декларации. Мицкоски е дециден дека приоритет на Владата се европските интеграции, но дека тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен

165

По неколку одлагања, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска треба да ја објави драфт-верзијата за резолуцијата за црвените линии на земјава во однос на преговорите со Европската Унија. Јавноста веќе еден месец е во очекување Филипче да ги објави црвените линии што ги најави кон крајот на август, но по првичната негова најава за објавување на овој документ, од СДСМ појаснија дека земјава е во предизборен период и дека може да биде злоупотребена резолуцијата, па затоа ја подготвуваат во широка консултација со експерти и со партнери и дека немаат намера да брзаат. Претседателот на опозициската партија апелира сите политички чинители да дадат свои мислења и предлози во однос на резолуцијата за да се постигне заеднички став за европската перспектива на државава и појасни дека документот не бил готов досега затоа што се работел со широки консултации со експерти. Ставот на Филипче е дека ова е работна верзија, отворена за јавна и за политичка дебата, а не готово решение и очекува сите партии во Собранието да дадат свој придонес за да се изгради еден заеднички став за најважната тема во моментов за државава.

– Многу внимателно пристапивме кон овој процес. Темата е чувствителна и бараше консултации со многубројни експерти од правото и од меѓународното право. В четврток ќе ја презентираме работната верзија – наш предлог што го ставаме на маса за сите политички партии и субјекти во Собранието. Само со единство можеме да ги отвориме поглавјата, да го фатиме чекорот со Албанија и со Црна Гора и да ја обезбедиме нашата европска иднина – изјави Филипче во вторникот.

Кога најави дека се подготвува резолуција за црвените линии на Македонија во однос на евроинтегративниот пат, Филипче рече дека партијата не калкулира, дека нема итроштини и дека не прават никакви трикови. Тој истакна дека е свесен дека граѓаните се против Бугари во Уставот, но дека тоа сега од нас го бара ЕУ. Тогаш, критикувајќи го застојот на земјава на евроинтегративниот пат, Филипче предложи доколку се соочи земјава со ново вето, да ги прекине преговорите со Унијата.

На почетокот од овој месец, лидерот на СДСМ беше и на средби во Париз, средби кои, како што соопштија од партијата, „биле во функција на јакнење на поддршката за Македонија и промоција на резолуцијата што ја подготвува СДСМ како вин-вин решение за државата и за граѓаните”.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, во неколку наврати изјави дека едвај чека да го види документот, па потоа да коментира за него, но посочи и дека СДСМ во минатото не ги почитувал усвоените декларации. Мицкоски е дециден дека приоритет на Владата се европските интеграции, но дека тој пат не смее да биде срамен, туку достоинствен.

– Да го видиме документот, да видиме што е тоа ново што ќе го понудат, иако мора да кажеме дека во минатото декларациите на СДСМ беа декларации што, на крајот, завршуваа како обично слово на хартија, воопшто не се почитуваа. Имавме многу такви декларации во минатото, како што кажав, но, за жал, сето она што го декларираше, СДСМ апсолутно не го почитуваше кога имаше кревка можност да управува со Владата. Така што, еве, да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш „инпут“ врз основа на тоа што ќе го видиме – изјави премиерот Мицкоски во една пригода.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, им порача на политичарите во земјава наместо нови декларации за црвени линии, политичките партии да постигнат национален консензус за заеднички настап надвор од државава. Таа вели дека е апсурдно, по толку бели линии, сега да се зборува за црвени линии. Според неа, најважно е политичките партии, и од опозицијата и од власта, да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор.

– По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една туку имаме донесено неколку декларации во Собранието, и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку, сепак, посегне соседот по вето, ние ќе ги прекинеме преговорите – изјави тогаш претседателката.

Дел од медиумите во земјава, но и претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, укажуваат на тоа дека и пред четири години, во Собранието, речиси едногласно беше изгласана резолуција за црвените линии и за заштита на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик, но тоа не беше пречка Владата на Димитар Ковачевски да го прифати т.н. француски предлог, од кој произлегуваат сегашните барања на официјална Софија кон Македонија.

Во исто време, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на почетокот од овој месец, од Копенхаген порача дека вратите на ЕУ се отворени за оние кандидати што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми. Кос додаде дека ако сака да стане посилна, ЕУ ќе мора да го базира процесот на проширување на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите, нагласувајќи дека во случајот на земјава, „штом Владата го промени Уставот“, ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес. (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ