Црвените капи во пламен го натераа Трамп да го смени курсот – сега бара да се објават документите за сексуалниот престапник Епстајн

„Волстрит џурнал“ (ВСЏ) во четвртокот објави дека името на Трамп се наоѓа на лична порака испратена до Џефри Епстајн во 2003 година. Според весникот, писмото на кое е името на Трамп содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, чиј интимен дел бил претставен како разбушавената коса на Трамп, што личело како  нацртано со дебел маркер. Во писмото потпишано со Доналд пишувало: „Среќен роденден – и секој ден нека биде уште една прекрасна тајна“. Трамп одговори дека весникот пласира лага и дека ќе тужи

70

Претседателот на САД, Доналд Трамп, секогаш е во фокусот на јавноста, било да се работи за негов обид за згаснување воено жариште, депортација на мигранти, укинување на буџетски пари за важни дејности или за водење трговска војна со целиот свет. Трамп повторно е во фокусот, но деновиве во врска со аферата за неговата блискост со осудениот сексуален престапник и педофил, американскиот богаташ Џефри Епстајн.

„Волстрит џурнал“ (ВСЏ) во четвртокот објави дека името на Трамп се наоѓа на лична порака испратена до Џефри Епстајн во 2003 година. Според весникот, писмото на кое е името на Трамп содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, чиј интимен дел бил претставен како разбушавената коса на Трамп, што личело како  нацртано со дебел маркер. Во писмото потпишано со Доналд, пишувало: „Среќен роденден – и секој ден нека биде уште една прекрасна тајна“. Според весникот, честитката со потпис на Трамп била дел од колекција составена за 50. роденден на Епстајн. ВСЏ пишува дека имал увид во писмото, но не го објави.

Трамп брзо одговори дека ќе ги тужи ВСЏ и Руперт Мердок, кој го контролира неговиот издавач, „Њуз корп“, зашто, како што рече, тој не црта голи жени и тоа не е неговиот речник.

– „Волстрит џурнал“ и Руперт Мердок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Џ. Трамп дека наводното писмо до Епстајн што го објавиле е лажно и дека ќе бидат тужени ако го објават – напиша Трамп.

Претседателот доби поддршка од потпретседателот, Џ.Д. Венс, кој напиша на „Икс“: „Простете ми на речникот, но оваа приказна е целосна глупост. ВСЏ треба да се срами од себе што ја објави. Каде е писмото? Дали би биле шокирани ако знаете дека никогаш не ни го покажале пред да го објават? Дали некој искрено верува дека звучи ова како Доналд Трамп?“.

Дека е измислица писмото, велат и лидерите на МАГА (Make America Great Again). Дури и неодамнешниот близок соработник на Трамп, милијардерот Илон Маск, со кого сега е скаран, рече дека писмото „звучи лажно“, односно „не звучи како нешто што би го кажал Трамп“.

– Јас го нарекувам ова „писмо за роденден“ на Трамп до Епстајн глупост. Тоа е целосно лажно. Секој што, всушност, го познава претседателот Трамп, знае дека тој не пишува писма – рече Лаура Лумер, активист на крајната десница и поранешен кандидат на републиканците за Конгресот.

Но, од друга страна, сè поголем дел од приврзаниците на Трамп од МАГА изразуваат незадоволство и го критикуваат за начинот на кој неговата администрација го решава случајот „Епстајн“, откако Министерството за правда и ФБИ минатата недела изјавија дека нема докази за тоа дека Епстајн имал „список со клиенти“ или дека уценувал моќни и влијателни луѓе. Двете институции, исто така, го отфрлија тврдењето дека Епстајн бил убиен во затвор, нагласувајќи дека извршил самоубиство со бесење, па додадоа дека повеќе немаат намера да објавуваат информации за истрагата. По ова, бунтот во МАГА расте до тој степен што луѓето што се крстеа во Трамп сè помасовно ги палат црвените капчиња на кои пишува „Да ја направиме Америка повторно голема“. Тие се незадоволни од развојот на ситуацијата во случајот „Епстајн“ откако Трамп со години убедуваше дека ќе биде објавен фамозниот список со клиенти на Епстајн на кој наводно се имиња на познати личности и на виокопрофилирани политичари.

Не баравме, но сега сакаме. И бараме. Мора да постои одговорност. Мора да постои правда – изјави за „ЦБС Њуз“ возачот на камиони Стивен Тејлор, приврзаник на МАГА.

Сега бесните, а до вчера најлојални следбеници на Трамп обвинуваат дека американската администрација ги прикрива морничавите детали за злосторствата на Епстајн за да ги заштити богатите и моќни личности. Овие најнови случувања го натераа американскиот претседател да го смени курсот. Откако во вторникот им рече на новинарите дека не разбира од каде е фасцинацијата со случајот „Џефри Епстајн“, кој, за него, е доста здодевен, зашто тој е одамна мртов, во четвртокот изјави дека ја замолил државната обвинителка Пем Бонди да побара судот да го објави сведочењето на големата порота во случајот со Епстајн.

– Врз основа на смешната количина публицитет што му беше дадена на Џефри Епстајн, ја замолив државната обвинителка Пем Бонди да ѝ ги достави сите релевантни сведоштва на големата порота, под услов да бидат одобрени од судот. Оваа измама, овековечена од демократите, треба да заврши веднаш! – напиша Трамп на својата платформа „Трут сошл“, доцна во четврток.

Кратко по изјавата на Трамп, државната обвинителка Бонди изјави на социјалните медиуми дека Министерството за правда е подготвено да побара од судот в петок да ги отвори транскриптите на големата порота.

– Претседателе Трамп, подготвени сме да побараме судот утре да ги отвори транскриптите на големата порота – напиша Бонди.

Случајот со Џефри Епстајн, финансиерот обвинет за подведување малолетни девојки на моќни и познати поединци, е жешка тема во американската политика со години. Јавноста и многу политичари, претходно и Џ.Д. Венс, инсистираа да се објави таканаречениот список на Епстајн, кој наводно ги вклучува оние што патувале на неговиот приватен остров за да се забавуваат со малолетни девојки.

Епстајн си го одзеде животот во затвор во Њујорк, во 2019 година, во текот на првиот мандат на Трамп, откако беше обвинет за трговија со луѓе, односно за шема за сексуална злоупотреба на млади и малолетни жени од богати и моќни луѓе. Екстремната десница, која го поддржува Трамп, долго време се држеше до скандалот, тврдејќи дека сè уште постои таен список со моќни клиенти на Епстајн и дека покојниот финансиер, всушност, бил убиен во својата ќелија, како дел од прикривање.

Според американски медиуми, самиот Трамп бил поврзан со Епстајн, кој еднаш го нарекол „пријател“. Наводно постои и снимка што ексклузивно ја добил „Дејли бист“, на која Епстајн вели дека Трамп е негов близок пријател. Тој, исто така, вели дека е запознаен со неговата склоност кон секс и тврди дека Трамп првпат спиел со својата сегашна сопруга, Меланија, во неговиот авион наречен „Лолита експрес“.

ИЗДВОЕНИ