Во понеделникот вечерта, додека моќното невреме се движеше од Италија кон хрватското крајбрежје, особено беше погодена Истра, каде е заблежана значителна материјална штета и повеќе повредени лица.
Освен силните налети на ветерот, грмежите и обилните врнежи, сведоците забележале и таканаречени „црвени привиденија“ на небото.
Метеорологот во Словенечката агенција за животна средина (АРСО) Блаж Штер објасни за N1 дека „црвените привиденија“ се електрични празнења слични на молњите што се појавуваат високо над облаците кои се појавуваат од силна бура. Иако ретко се видливи со голо око, тие можат да бидат снимени од камери чувствителни на таква светлина. Овој феномен не е невообичаен, особено за време на интензивни бури.
„Црвените молњи“ можат да се појават за време на силни бури кога електромагнетното поле продира во јоносферата, предизвикувајќи светлосни ефекти слични на поларната светлина. Боите зависат од типот на молекули и атоми во атмосферата.
Поради нивното кратко траење и висината на која се појавуваат (помеѓу 80 и 100 километри над Земјата), „црвените привиденија“ беа откриени само пред 20 до 30 години, со напредокот на фотографската опрема. За да ги набљудувате или фотографирате, мора да се наоѓате на оддалеченост од 100 до 200 километри од бурата, со јасен поглед на небото без облаци помеѓу набљудувачот и зоната на бура.