Црвени линии, сиви перспективи – кој трасира, а кој кочи?!  

Предлогот за заедничка резолуција со јасни црвени линии ја отвори дебатата за тоа кој навистина работи за европската перспектива. Владата обвинува за минати грешки, опозицијата обвинува за актуелна пасивност. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, категорично изјави дека „преговорите никогаш и не започнале поради политиките на СДСМ и ДУИ“, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ намерно го стопира европскиот процес и не прави ништо за деблокада на интеграциите.  ЕУ, пак, испраќа порака дека „проширувањето ќе зависи исклучиво од заслугите на секоја земја“

84

Процесот на евроинтеграција е повторно во фокусот на јавната и политичката сцена во Македонија, откако изјавите и меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата се заоструваат во предизборниот период. Прашањето за уставните измени, заедничка предлог-резолуција во Собранието и условите поставени од Бугарија повторно ги вжештија европските дебати во земјава. Најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, си разменуваат остра реторика околу тоа кој го блокира, а кој навистина работи на отворање на пристапните преговори со Европската Унија.

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, категорично изјави дека „преговорите никогаш и не започнале поради политиките на СДСМ и ДУИ“, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ намерно го стопира европскиот процес и не прави ништо за деблокада на интеграциите.  Додека домашната политичка сцена е поделена, Европската Унија испраќа јасна порака: секоја земја кандидат ќе напредува само врз основа на сопствените заслуги.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче и вчера ја обвини Владата дека ги запрела преговорите со Унијата.

– ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт и тоа го повторуваме цело време, апсолвирано е тоа прашање, со лажна кампања. Ветуваа подобри преговарачки позиции, а не спомнаа дека преговорите ќе запрат. Сега практично се запрени, ништо не се случува. Од една страна ништо не се случува ниту со реформската агенда, нема носење реформски закони во Парламентот, ниту, пак, нешто се случува во делот на тоа што е добиена понуда од цела ЕУ, а тоа е да се направат уставните измени и да се отворат поглавјата за преговори со ЕУ,  изјави Филипче.

Во однос на тоа кои се неговите очекувања и зошто премиерот Мицкоски ја отфрли Резолуцијата, Филипче вели дека Владата бара изговори.

– Прво бараа да има одложено дејство на уставните измени, видоа дека не може. Цела Европа им кажа дека тоа е невозможно. Бараа Бугарија да прифати пресуди на Судот за човекови права во Стразбур и тоа видоа дека не може да го изменаџираат. Не гледаме дека нешто се трудат да направат околу тоа, нема дипломатска активност на таа тема. Министерот за надворешни работи зборува за роаминг и за ништо друго. Очигледно е дека се конзистентни кон тоа да нема преговори со ЕУ, а ние нема да го дозволиме тоа. Ќе се бориме поради тоа што е единствената иднина за нашата земја и ќе ставиме на масата. Еве Резолуција, да ги утврдиме нашите црвени линии за да укажеме јасно и гласно дека сите треба да бидат чесни кога кажуваат какви се политиките, а не да се користат со лаги и манипулации за скриено да протуркаат некоја своја политика која очигледно н води никаде, рече опозицискиот лидер.

Прашан за тоа кои се црвените линии кои ќе ги предложат во Резолуцијата, Филипче рече дека разработуваат детален документ и дека во текот на неделава ќе го презентираат пред јавноста и пред сите политички партии. Тој рече дека форматот лидерска средба е секогаш отворена понуда затоа што најважните прашања за државата треба така да се решаваат.

– Никој од другите политички чинители не прифатија повеќе апели наназад. Еве сега ќе го покажeме во јавноста документот, па нека знаат граѓаните кој е за Европа, а кој не е. Ако има чесен пристап од страна на власта, ќе седнат и ќе разговараат, дали на лидерска средба, дали во Парламентот, дали најголемите политички партии. Ова е едно од најважните прашања за иднината и за напредокот на земјата. Сметам дека не смее ништо да не се случува, ниту, пак, да се става од страна вака како што тоа го прави Владата, рече лидерот на СДСМ и додаде дека лажна кампања е дека СДСМ ги распродала македонските национални интереси и дека со таа лажна кампања се загрозуваат националните интереси на државата.

Следуваше реакција од шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, кој преку социјалните мрежи порача дека „преговорите со ЕУ не се блокирани, зашто никогаш и не започнаа поради СДСМ и ДУИ“.

– Венко Филипче денеска повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа, му реплицира Муцунски на лидерот на СДСМ.

Тој порача дека актуелната Влада ја движи државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа.

– И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули. Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за „виткање кичма“, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика, напиша Муцунски и ја повика опозицијата да дејствува рационално и разумно, да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома.

Меѓусебните препукувања се интензивираа откако опозицискиот лидер Филипче повторно го обвини премиерот Мицкоски дека со своето игнорирање на предлозите за заедничка Резолуција во Собранието, всушност, ја продлабочува политичката криза и дополнително го забавува европскиот процес. Филипче смета дека Владата не покажува доволна иницијатива за решавање на суштинските пречки, особено оние поврзани со уставните измени, а воедно избегнува вистински дијалог со опозицијата.

Од друга страна, Владата преку своите претставници продолжува да истакнува дека реформите се во тек, но во различен формат од оној што го предлага СДСМ. Премиерот Мицкоски и министерот Муцунски нагласуваат дека нивниот пристап е „државнички“, со фокус на конкретни резултати, наместо на – како што велат – „празни декларации и симболични гестови кои во минатото не донеле суштински напредок“. Тие повикуваат на трпеливост и разум во надворешната политика, со став дека нови брзоплети потези би можеле да ја вратат државата чекори назад.

Муцунски рече дека Филипче е противречен, од една страна говори за уставни измени, од друга за прекин на преговорите ако има ново вето, додека премиерот Мицкоски му порача на Филипче дека на земјава ѝ е потребна јасна политика и борба со аргументи, а „итроштините ќе ги оставиме во минатото“.

– Ова е работа која треба да ја водат сериозни луѓе со јасна визија и стратегија. Ова не е игра на итроштини. Видовме итреците седум години што ѝ направија и на државата и на граѓаните, видовме каде стигнавме, рече Мицкоски.

Евроинтеграциите се вратија во реториката на политичките лидери откако претседателот на СДСМ побара Собранието да донесе заедничка резолуција за евроинтеграциите со нашите „црвени линии“, а доколку се повтори вето од Бугарија да ги прекинеме преговорите со ЕУ. Филипче смета дека Владата води неискрена политика во однос на европските интеграции и свесно го пролонгира процесот.

Во меѓувреме, Европската Унија продолжува да испраќа пораки на охрабрување, но и на претпазливост. Изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека „проширувањето ќе зависи исклучиво од заслугите на секоја земја“, уште еднаш ја нагласува одговорноста што ја имаат националните политички актери. Таа порача дека патот кон ЕУ не смее да биде заложник на внатрешнополитички пресметки, туку треба да се води од јасна визија, сплотеност и демократска зрелост. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ