Од Европската Унија доаѓаат сигнали дека се обновува интересот за проширување, а Македонија, заглавена меѓу ветувања однадвор и блокади однатре се обидува да се врати во фокусот. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на Бледскиот стратешки форум предупреди дека проширувањето на ЕУ не смее да стане заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет, додека министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, од Копенхаген порача дека интересот на ЕУ за проширување е повисок од кога било досега.
-Проширувањето на Европската Унија не смее да биде заложник на билатерални спорови или прашања на идентитет. Ако тоа се дозволи, се ризикува не само застој на една земја туку и губење на кредибилитетот на целиот процес, истакна шефот на дипломатијата на работниот појадок со шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан и специјалните пратеници за проширување на ЕУ, одржан во рамки на Бледскиот стратешки форум.
Тој посочи дека земјава останува посветена на европскиот пат и активно работи на реформите и имплементацијата на Планот за пораст на ЕУ, истовремено нагласувајќи дека процесот на проширување мора да биде заснован на заслуги и јасни критериуми.
Муцунски, како што соопшти МНРиНТ, ја истакна клучната улога на регионалната стабилност и на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, оценувајќи дека сегашните глобални кризи уште повеќе ја зголемуваат потребата од европска кохезија.
– Во свет на војни, безбедносни закани и економски шокови, Европската Унија и Западен Балкан имаат потреба еден од друг повеќе од кога било досега. Нашата стабилност е европска стабилност. Нашиот напредок е европски напредок, истакна Муцунски.
Муртезани, пак, пред почетокот на неформалната средба со неговите колеги од 27 земји членки на ЕУ и државите од Западниот Балкан, Молдавија, Турција и Украина во Копенхаген, рече дека е видливо, особено од почетокот на руската инвазија врз Украина, дека ЕУ е позаинтересирана за прием на нови членки.
– Европа е многу позаинтересирана, особено со постепената интеграција, за што правиме сè што можеме. Она што треба да го направиме сега е да се осигураме дека напорите што ги вложуваме ќе дадат резултат што е можно поскоро. Сметам дека до 2030 година сите земји кандидатки од Западен Балкан можат да бидат членки на ЕУ, истакна Муртезани и додаде дека Брисел испраќа порака дека земјите кандидатки за членство не се оставени надвор, туку седат на иста маса со државите членки на ЕУ.
Во исто време, во Македонија се дискутира околу резолуција со црвени линии за евроинтеграциите, што ја најави лидерот на опозициската СДСМ, но не наиде на одобрување кај власта.
Филипче вчера изјави дека до крајот на неделата СДСМ ќе има работна верзија на декларација која треба да ги содржи црвените линии во евроинтеграциите. Тој смета дека иако е предизборие, политичките чинители треба да седнат заедно на маса и да се формализира како ќе се продолжи понатаму во евроинтеграциите.
– Документот се изработува. Верувам дека до крајот на неделата ќе имаме една работна верзија. Ќе го прикажеме на многу чинители, сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на експертската јавност. Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Сметам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причина да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение. Сè што е направено во контекст на евроинтеграциите е направено во контекст на државните интереси, рече претседателот на СДСМ.
Филипче рече дека е свесен дека граѓаните се против Бугари во Уставот, но тоа од нас сега го бара ЕУ.
– Тоа што ЕУ го бара од нас, не го бара само Бугарија, тоа е документ на ЕУ, на Брисел, практично е нешто што е резултат на бројни преговори на еден долготраен процес. Јас ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа, меѓу другото, тие на некој начин и го изразија за време на минатогодишните избори кога во тој контекст така гласаа кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО–ДПМНЕ и сметам дека таа грижа на граѓаните не треба да ја оставиме настрана, исто така сметам дека во ниту еден документ не се загрозени националните интереси, ниту е направено некакво предавство, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот изјави дека ќе почека да го види документот што ќе го поднесат од СДСМ, па владејачката коалиција ќе даде свој инпут.
– Да го видиме документот, јас тоа велам, да го видиме документот што ќе го поднесат. Се надевам дека ќе дозволат и ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група од владејачката коалиција да дадат свој инпут на сето тоа. Да го видиме документот, да видиме што е тоа ново што ќе го понудат, иако мора да кажеме дека во минатото, декларациите на СДСМ се декларации кои, на крајот, завршуваат како обично слово на хартија, воопшто не се почитуваат. Имавме многу такви декларации во минатото, како што кажав, но за жал, СДСМ сето тоа што го декларира апсолутно не го почитуваше кога имаше кревка можност да управува со владата. Така што, еве да го видиме тој документ, па да дадеме и ние наш инпут врз основа на тоа што ќе го видиме, изјави премиерот Мицкоски.
Евроинтеграциите се вратија во реториката на политичките лидери во предизборието откако претседателот на СДСМ побара Собранието да донесе заедничка резолуција за евроинтеграциите со нашите „црвени линии“, а доколку се повтори вето од Бугарија да ги прекинеме преговорите со ЕУ. (В.С.Н.)