Црно-бели комбинации на фустани или пантолони и сакоа, во кои беа облечени светски познатите личности, доминираа на годинешната Мет гала што се одржа вчера во Њујорк, а се смета за најпрестижниот и најгламурозен моден настан во светот. Новото издание на „модните Оскари“ и годинава ја привлече светската елита. Познати ѕвезди: актери, музичари, супермодели, манекен(к)и, дизајнери, спортисти се искачуваа по препознатливите скали по ‘црвениот тепих’, кој годинава беше син со бело-жолтеникави цветчиња. Повеќето од присутните кои се сликаа пред блицовите на фоторепортерите беа во бели или црни комбинации, некои се појавија и во розови или црвени варијанти, а дел и со екстравагантни облеки.
Никол Кидман го загреа ‘црвениот тепих’ на еден од најважните модни настани во годината. Таа имаше впечатлив изглед, носеше црн фустан без прерамки на Баленсијага, во комбинација со црни ракавици.
Музичката икона Мадона, исто така се појави на „Мет гала“ облечена во бела комбинација. Впечатокот поп-пејачката го засили со пура.
Поп-ѕвездата Ријана последна пристигна на Мет гала. Облечена во црно, 37-годишната Ријана потврди дека го чека третото дете. Таа и нејзиниот партнер, раперот АСАП Роки, веќе имаат два сина.
Зендаја
Ен Хатавеј


На „Мет гала 2025“ присуствуваа и ѕвезди како: Дајана Рос, Деми Мур, Зендаја, Шакира, Андре 3000, Луис Хамилтон, Жанет Моне, Ен Хатавеј, Фарел Вилијамс, Колман Доминго, Синтија Ериво… и секако Ана Винтур, уредничка на американскиот „Вог“, кои се организатори на настанот.

„Мет гала“, формално наречена „Бенефит за Институтот за костими“, е годишен фестивал што се одржува за собирање средства за висока мода во корист на Институтот за костими при Метрополитен музејот на уметности во Менхетен, Њујорк. Личности кои се сметаат за релевантни за современото општество во различни професионални сфери, се поканети да присуствуваат на „Мет гала“, организирана од модното списание „Вог“.

Годинашниот настан во Метрополитен музејот на уметноста се одржа во чест на афроамериканската историја, култура и стил. Повеќето од гостите прикажаа современи верзии на модели со широки раменици и висок струк, популарни меѓу афроамериканските мажи во 1940-тите.

Фото: EPA/EFE