Црните точки на патиштата ќе добијат нова сигнализација

21

Директорот на „Државни патишта“, Коце Трајановски, изјави дека ги детектираат црните точки по патиштата и оти се во координација со МВР за нивно подобро означување. Апелираше и до граѓаните да внимаваат на сообраќајната сигнализација на патиштата.

За експресниот пат Градско – Прилеп каде што за неколку месеци од пуштањето во употреба има пет жртви, Трајановски рече дека ќе има нова, подобрена сообраќајна сигнализација.

– Тоа е еден од новите патишта што ги пуштивме во текот на изминатава година, сето тоа е направено според законски важечки прописи. Но, со оглед на тоа што имаше повеќе жртви на овој пат, ние веќе направивме проект и тој е даден во Министерството за транспорт. Очекуваме за многу краток период да биде одобрен од Министерството, по што ќе пристапиме кон поставување нова сообраќајна сигнализација за која сметаме дека ќе ги намали сообраќајните несреќи, со што ќе се намалат шансите за евентуални жртви – рече Трајановски во гостувањето на „Вести плус“ на телевизијата „Канал 5“.

Во однос на лошата состојба на скопската обиколница, Трајановски рече дека се планира нејзина поголема реконструкција наредната година.

– Гледаме да ги детектираме сите овие критични точки и најнапред на нив да реагираме. Кај клучката Хиподром имаше лоша состојба на патот – тоа веќе го решивме, кај хотелот „Белви“ ја решивме, а за обиколницата, која е приоритет, правиме проект согласно со кој би требало да се направи една малку поголема реконструкција и правиме проекти за тоа. Сметаме дека таму треба да го решиме со кредити. И за триаголникот Миладиновци – Петровец – Хиподром сме во преговори со Светска банка и со други банки. Се надеваме дека следната година ќе почнеме со нивна реконструкција – рече Трајановски.

Посочи и дека во земјава се прават нови патишта, додека старите не се одржуваат, додавајќи дека мора да се одвојуваат повеќе средства од буџетот на ЈПДП и од Владата за одржување на постојните патни правци.

За состојбата на сообраќајните знаци на патиштата и дека има населени места што воопшто не се обележани, рече дека се работи на тој проблем и оти се надева дека ќе се реши следната година.

Прашан за работата на автопатиштата, Трајановски рече дека во моментот се работи на три делници од договорот со „Бехтел и Енка“, а тоа се Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани. Потсети дека е пуштен еден дел од делницата од автопатот Кичево – Охрид, кој го гради кинеската компанија „Синохидро“ и најави дека многу скоро ќе биде пуштен и вториот дел до Охрид.

ИЗДВОЕНИ