„Црниот јастреб“ црпи вода од браната „Турија“ и ја истура врз пламените јазици

915

Чешкиот хеликоптер „блек хок“ опремен со т.н. бамби резервоар со капацитет од 3.410 литри, со седумчлен екипаж, заедно со 61 пожарникар и 18 специјални возила за гаснење пожари од Словенија, кои пристигнаа во земјава, утринаvа беа упатени заедно со нашите ангажирани сили да се справуваат со пожарот на планината Готен, од страната на Берово.

Претходно, како што наведе директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, екипажот на чешкиот хеликоптер, на Скопскиот аеродром, имал оперативен брифинг со старешините од армискиот воздухопловен „винг“, на кој бил запознаен со пожарот на планината Готен од беровска страна. Хеликоптерот е опремен со т.н. бамби резервоар со капацитет од 3.410 литри вода.

Во својата попладневна изјава, Ангелов истакна дека овој пожар сè уште претставува голема опасност. Тој наведе дека чешкиот хеликоптер зема вода од браната „Турија“. Информираше и тоа дека втoриот крак на овој пожар, кој се смета за засебен, од страната на Радовиш, е ставен под контрола и се надева дека ќе биде целосно изгаснат. Ангелов информираше дека има уште два активни пожара, но наведе дека состојбата со огнената стихија во земјава од вчера е значително смирена.

Покрај овие два одделни пожара на планината Готен, има активен пожар и во Прилеп. Огнот избувнал кај селото Бешиште, на локацијата позната како Бешишки Рид и се проширил кон селото Градешница во Новаци, како и до границата со Грција, зафаќајќи мешана шума. Иако дел од пожарот е под контрола, неколку крака сè уште се активни.

Огнени јазици се шират и во регионот меѓу Прилеп и Кавадарци, каде што беснее пожарот на релација Царевиќ – Смолани – Радобил – Дрен (Општина Прилеп), како и во близина на селата Галиште и Трстеник (Општина Кавадарци). Горат мешана шума и ниска вегетација, а теренот е тежок за гаснење.

Регистриран е уште еден активен пожар, кај Крушево, каде што се запалила градската депонија во атарот на месноста Струнга, зафаќајќи ѓубре, сува трева и нискостеблеста шума.

Според податоците на Центарот за управување со кризи, денеска до 13:00 часот во Македонија биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои пет биле ставени под контрола, а четири – целосно изгаснати.

Под контрола е ставен пожарот во Штип, кој се проширил меѓу селата Драгоево и Селце. Во Карбинци, пак, пожарот што избувнал во Јунузлија, зафатил шума, додека во Делчево, градската депонија „Острец“ била во пламен.

Во Прилеп, избил друг пожар на улицата „Јоска Јорданоски“, а во Куманово, во селото Градиште, пожарот зафатил ниска вегетација. Сите овие интервенции се активно следени и контролирани од надлежните служби.

Од друга страна, целосно биле изгаснати четири пожари – два на подрачјето на Општина Македонски Брод, кај селото Грешница и во реонот помеѓу Црешево, Локвица и Крапа, каде што горела деградирана дабова шума. Во Општина Македонска Каменица, кај селото Ќосевица, била изгасната борова шума, додека во Општина Струмица, кај селото Просениково, бил изгаснат пожар со трска.

Надлежните апелираат за голема внимателност, особено поради сувото време и ветрот, кој дополнително ги разгорува пожарите.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ