– „Црнила“ е еден од лајтмотивите или еден голем рефрен во македонската драматургија, кој, всушност, зборува за лекциите што многу тешко ги учи Македонецот низ историјата. Работејќи ја оваа претстава, постојано имав една мисла, една реченица во главата: „Македонец уби Македонец за Македонија“
Претставата „Црнила“ на Коле Чашуле, а во режија на Дејан Пројковски, на 29 ноември во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, поточно во старо-новиот сценски простор, на познатата „Сцена 105“. Во претставата играат: Сара Спиркоска како Неда, Бобан Алексоски – Иван, Катерија Чакмакоска-Клинческа – Милка, Александар Степанулески – Луков, Александар Тодески – Христов, Димитар Ѓорѓиевски – Фезлиев, Михајло Миленкоски – Методи и Илија Волчески – Младичот.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, музиката на Горан Трајкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
– Ова е втора премиера што ја реализираме годинава, но воедно и претстава што носи силна симболика за нашиот тим, затоа што создадовме сосема нова сцена, во сосема нови услови и работевме со многу посветеност, креативност, ентузијазам и со верба дека театарот секогаш ќе најде начин да живее. Нашиот тим вложи огромен труд, енергија и срце за „Црнила“ да го добие обликот што го заслужува – посочи на прес-конференција Марија Попова-Јованоска, директорка на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Таа додаде дека претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
Режисерот Пројковски, пак, истакна дека „Црнила“ е еден од лајтмотивите или еден голем рефрен во македонската драматургија, кој, всушност, зборува за лекциите што многу тешко ги учи Македонецот низ историјата.
– Работејќи ја оваа претстава, постојано имав една мисла, една реченица во главата: „Македонец уби Македонец за Македонија“. Всушност, различните идеали, ставови, концепти и разбирање за идентитетот, за татковината, за историјата, но, се разбира, сега гледано низ наша визура. Мислам дека „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите што го имаме како бреме и секоја театарска генерација заедно со публиката, всушност, се преиспитува на истите теми. Што сме направиле и што треба да направиме или што сме научиле за да не се повторуваат некои работи и за да не се случуваат. Тоа, во основни црти, ни беше важно работејќи ја оваа претстава – посочи Пројковски. Тој додаде дека во претставата ликовите се заглавени во калта од сопствените пороци и предавства, а, од друга страна, со константен стремеж и поглед кон небото. И, всушност, тоа растргнување меѓу желбите и можностите прави сите да се растегнуваат како жици на гитара.

Во однос на изборот на текстот, Пројковски истакна дека последниве неколку години работи текстови каде што многу повеќе се занимава со човекот, индивидуата и со дефинирањето на личната среќа и на љубовта.
– Неколку години наназад, цел Балкан стана голема чекалница, сите чекаме да станеме дел од асоцијации, унии. Имав чувство дека уметноста го подзаборави човекот, многу се занимаваме со колективната наместо со индивидуалната среќа. Тоа ми е некаков режисерки концепт во последниве три-четири години и, всушност, „Црнила“ е претстава каде што се обидуваме да се занимаваме малку со колективот и во колективното да ја побараме индивидуата. Доста работи се случија во нашата земја и ми се чинеше дека е некако важно да се направи „Црнила“. Одговорите ги знае секој за себе, но важно е театарот да биде храбар, да се зборува за работи што ги знаеме сите, но ги премолчуваме. Претставата зборува и за тоа зошто е голем бројот на млади луѓе што ја бараат среќата на други места, во други земји. Или што е она што треба да го направиме сите земјата да биде подобро место за живеење за нашите деца, внуци. Се обидовме, всушност, да ја направиме претставата без да заземаме став. Таа отвора дијалог и основната линија е дека во еден момент треба да се обединиме сите и да имаме заеднички став, дека, всушност, секогаш црнилата во историјата се резултат на поделби и како да ја пронајдеме индивидуата за да зборуваме за личната среќа и за љубовта. Кога ќе кажеме „татковина“, „љубов“, „среќа“… се прашувам дали си даваме сметка што значат зборовите – додаде Пројковски.
Михајло Миленкоски, раководител на Прилепскиот театар, пак, посочи дека „Црнила“ на Коле Чашуле е драма што не старее и дека Чашуле е писателот што го создаде современиот македонски драмски јазик.
– Оваа премиера ја доживуваме кога се навршуваат 104 години од смртта на Ѓорче Петров, личност што со својот живот ја бранеше идејата за слобода, на ист начин како што Коле Чашуле со своето перо ја бранеше идејата за вистината. Но, најважно од сè е што тие се прилепчани. Двајца оставија трага што и денес допира до нас. Во режија на Дејан Пројковски, оваа претстава претставува еден мост помеѓу класиката и револуцијата, помеѓу Ѓорче, Чашуле, помеѓу зборот и делото. Пројковски успеа да ги отвори нивните сенки, нивните дилеми и нивната храброст и да ни ги донесе во време кое бара исто толку многу одговори – истакна Миленкоски.
Тој додаде дека претставата се игра камерно, а по претпремиерата утре и премиерата во сабота, следните претстави се на 16, 24 и на 25 декември. (Д. Т.)












