На точно еден месец од распишување на локалните избори и обзнанување на имињата со кои партиите ќе трчаат за Град Скопје и клучните општини, власта и опозицијата си разменуваат критики на сметка на кандидатите.
По објавата на премиерот дека актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, ќе „трча“ на локалните избори за прв човек на метрополата, опозициската СДСМ на пресконференција испрати порака до гласачкото тело- дека Скопје не заслужува пион на Христијан Мицкоски кој градската каса ќе ја користи како партиска. Наместо паркови, градинки, катни гаражи и чисти улици, четири години подоцна, општината е презадолжена, покриена со смет и задушена од бетон, забележуваат од СДСМ на изборот од ВМРО ДПМНЕ за прв човек за Скопје.
-За една година и три месеци, долгот на општината се зголеми за 40 милиони денари, достигнувајќи до 146 милиони денари. Од долговите не се видоа ниту нови улици, нови паркови или подобар живот. Наместо тоа, од буџетски средства се исплаќаат пријатели, роднини и партиски активисти. Најмалку 100.000 евра од општинските пари завршија на сметки на блиски луѓе на Ѓорѓиевски. Со пари на граѓаните тој си ја купува довербата и поддршката, тера лажен ПР и промоции, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Ако во Ѓоргиевски неговата матична партија гледа енергија и визија која ќе донесе вистински развој на главниот град, СДСМ смета дека кандидатурата му е по заслуга бидејќи неговата најголема иницијатива била да ја смени Данела Арсовска од ЗЕЛС, преку организирање на политички игри во Комунална хиегиена и ЈСП.
Дека Орце Ѓоргиевски е изборот на владејачката партија за Скопје се чувствуваше уште од самиот почеток на годината, а внатрепартиските анкети биле пресудни за последниот збор во Извршниот партиски комитет.
Во најголемата опозициска партија СДСМ, нема конечна одлука кој ќе му биде противкадидат на Ѓоргиевски. Она што во моментов е познато е дека кандидатура поднесе екс министерката за животна средина Каја Шукова, а се преговара и со познатиот архитект Мишко Ралев. Од извори блиси до раководството дознаваме дека амбиции има и поранешниот градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски. Она што досега е познато дека Извршниот одбор на СДСМ дал согласност за 19 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори.
Селекцијата на кандидатите на СДСМ е на принципот „дај што ќе дадеш“, забележа на пресконференција членот на ИК на ВМРО ДПМНЕ Бране Петрушевси. Или се добро познати, или се анонимуси кои се нафатиле да изгубат, велат од владејачката партија.
– За кандидат за градоначалник за Јегуновце СДСМ го кандидира Дарко Блажевски, поранешен градоначалник, кој граѓаните не го паметат по ниту еден проект, но го паметат по тоа дека беше успешен бизнисмен од позиција на избрана функција. Од друга страна во општина Сопиште, СДСМ кандидира целосно непозната личност, извесен Ѕвонко Васев, кој децении не живее во општината. Очигледно им било полесно да убедат некого да се кандидира за градоначалник на Сопиште, кој нема да треба да се врати по поразот во првиот круг и да живее во општината, затоа што поразот ќе му биде катастрофален, со 5 :1, изјави Петрушевски и прогнозира дека опозицијата ќе добие една до две општини на престојните локални избори.
Со вчерашната објава на претседателот на Собранието, Африм Гаши дека локалните избори ќе ги распише во првата половина од август, односно за точно еден месец, извесно е дека не чека уште една црна кампања која нема да избира средства до победа.
-Може да се распишат на 8 август. Се ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик има две одредби по кои се водиме. Прво е одредбата да не биде повеќе од 90 или помалку од 70 дена. Втората ориентациона точка е Законот за локална самоуправа каде се вели дека изборите треба да се одржат во втората половина на октомври. Во рамките на овие два периода, ќе ги распишеме избори. Најверојатно во првата половина од август – изјави претседателот на Собранието на брифингот со новинарите.
Во исто време, додека сеуште нема информација од пратеничките групи дали се договориле околу измените на Изборниот законик, независните кандидати се сретнаа со претседателката Гордана Сиљановска Давкова од која побарале да не го потпишува указот за прогласување на законските измени на Изборниот законик, во случај тие да бидат изгласани во Собранието.
-Со овој закон драстично се зголемува бројот на потписи за кандидатура на локалните избори и се ограничува уставно загарантираното право секој граѓанин да може да се кандидира и да биде избиран, велат од независните граѓански здруженија кои побараа од претседателката да застане во одбрана на основното демократско право.
Независните алармираат дека со потенцијалното усвојување на измените на Изборниот законик, со кои се зголемува бројот на потписи за нивно учество на изборите, се врши напад врз демократијата од страна на сите парламентарни партии за повторно носење на измените кои Уставниот суд неодамна ги укина.
Од албанскиот блок се посилни се шпекулациите во јавноста дека поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи ќе го освојува Чаир, а во ВРЕДИ се калкулира дали Изет Меџити ќе му ги спротивстави силите и ќе претендира за старо-новото градоначалничко место.
-Очекуваме победа и во Тетово, Чаир, Гостивар, Дебар, во Струга. Владините партнери си помагаат, немаме преговори за поддршка во прв круг и немаме договор. Секогаш важи договорот за вториот круг. Немаме потреба да преговараме да одиме со заеднички кандидати, ќе одиме со посебни. Сега анализираме терен, сакаме да најдеме најдобри решенија и врз основа на тоа ќе дејствуваме. Нема да се договараме за поддршка од прв круг. ДУИ сака за Чаир да го кандидира Османи и јасно им е дека друг кандидат не е во игра, а нас ни е битно да го добиеме Чаир. Се прават анализи, не исклучувам опција да се кандидирам за градоначалник на Чаир – изјави неодамна Меџити.
Во македонскиот влајдејачки блок соработка е извесна за Куманово, каде што ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, а се погласни се најавите дека од редовите на ЗНАМ ќе биде и кандидатот за градоначалник за Општина Центар и уште неколку други општини. (П.А.)