Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека по опсежни размислувања како да се најде модел кој ќе ги задоволи и синдикатите и работодавачите, блиску се до решение кога станува збор за воведување на седум часа дневно.
Премиерот на Црна Гора најави дека на почетокот на следната недела министерката за труд и социјална заштита Наида Нишиќ ќе води разговори во рамките на социјалниот дијалог со претставници на синдикатите и работодавачите, каде, како што рече, ќе се кристализира конечната верзија на реформата, пишува подгорички „Вијести“.
Намерата, како што вели Спајиќ, е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на работата, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и „повеќе време за семејството, но и поефикасна и попродуктивна работа“.
„Токму на начинот на кој беа спроведени програмите „Европа сега 1“ и „Европа сега 2“ – со договор и со работодавачите и со синдикатите – конкретни чекори во случај на реформа на работното време од 7 часа ќе бидат преземени исклучиво со целосна поддршка на социјалните партнери“, рече Спајиќ.
Тој рече дека верува оти министерот Нишиќ во име на Владата ќе направи се за да се постигне договор во оптимален период за да се „исполнат очекувањата на граѓаните и да се зајакне позицијата на сите вработени“ во Црна Гора.