Црна Гора испиша ново поглавје во својата научна историја: Успешно го лансира првиот сателит/видео

55
Фото:принтскрин, Инстаграм РТЦГ

Првиот црногорски сателит „Луча“ беше успешно лансиран во ниската орбита на Земјата (LEO) во неделата со ракета Сојуз од космодромот Восточни, во близина на границата на Русија и Кина. Како што објави директорот на Црногорскиот вселенски истражувачки центар (MSR), Филип Јовиќевиќ, Црна Гора со овој чин напиша ново поглавје во својата технолошка и научна историја, пренесе „Хина“.

Тој додаде дека ова е само почеток и дека Црногорскиот вселенски истражувачки центар се свртува кон уште поамбициозна цел – развој на првата црногорска ракета, прво суборбитална, а потоа и орбитална.

„Убеден сум дека тимот собран околу оваа организација има знаење, капацитет и визија за да ја постигне оваа цел, што би претставувало најголем технолошки пробив во историјата на Црна Гора. Паралелно, ќе продолжиме силно да ја промовираме науката, технологијата и инженерството меѓу сите возрасти, бидејќи само преку знаење можеме да изградиме генерации инженери кои ќе продолжат да ја развиваат црногорската вселенска програма“, рече Јовиќевиќ.

Примарната мисија на сателитот е мерење на космичкото зрачење. Покрај тоа, сателитот е опремен со камера која ќе снима визуелни снимки од висина од околу 600 километри, како и телекомуникациски системи за пренос на податоци до Земјата.

Како мал сателит во рамките на секундарниот товар на ракетата Сојуз, Луча го симболизира првиот национален сателит на Црна Гора кој е технолошки, законски и оперативно управуван од самата држава.

Сателитот е развиен од организацијата Montenegro Space Research, непрофитна иницијатива која ги здружува црногорските инженери и научници со цел развој на вселенски технологии, едукација на млади луѓе и градење национална вселенска програма.

 

ИЗДВОЕНИ