петок, февруари 27, 2026
Дома БАЛКАН Црна Гора го „рекламира“ влезот во ЕУ и на авион/ФОТО

Црна Гора го „рекламира“ влезот во ЕУ и на авион/ФОТО

51
Фото: Влада на Црна Гора

Владата на Црна Гора претстави авион на националната авиокомпанија Ер Монтенегро, со слоганот „28by28 – The next EU member“ напишан на трупот, со што официјално започна промотивна кампања насочена кон полноправно членство на земјата во Европската Унија до 2028 година.

Министерството за европски прашања објави дека целта на кампањата е да испрати јасна порака до меѓународната јавност – Црна Гора сака да стане 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година. Брендирањето на авионот е дел од поширока стратегија за промоција на резултатите постигнати од земјата во процесот на европска интеграција, но и потврда на политичката амбиција за завршување на пристапните преговори во предвидениот рок.

Премиерот Милојко Спајиќ, говорејќи на презентацијата на авионот на аеродромот во Подгорица, рече дека пораката на авионот претставува „стратешка изјава на државата“.

„Ја носиме Европа во Црна Гора и ја носиме Црна Гора во Европа. Нашата национална авиокомпанија ја испраќа пораката низ целата Европска Унија дека Црна Гора е следната членка на Европската Унија“, рече Спајиќ, нагласувајќи дека земјата ѝ нуди на Унијата стабилност, нова енергија и потврда за единство во различноста.

Министерката за европски прашања, Маида Горчевиќ, оцени дека членството е амбициозна, но остварлива цел, нагласувајќи дека институциите ја презеле целосната одговорност за спроведување на реформите.

„Време е сите институции, бизниси, спортисти, научници, уметници, студенти, медиуми, граѓанско општество, локални заедници и дијаспората да испратат обединета порака низ целата Европска Унија – 28 до 2028 година“, рече Горчевиќ.

Властите претходно објавија дека планираат да ги затворат сите поглавја од преговорите до крајот на годината, што би го отворило патот за завршување на целиот процес на пристапување до 2028 година.

ИЗДВОЕНИ