Црна Гора и Албанија без роаминг во ЕУ, ќе се приклучи ли и Македонија?

75

Црна Гора и Албанија од јуни следната година се приклучуваат во заедничкиот пазар на Европската Унија за телекомуникациски трошоци, што ќе им овозможи на нивните граѓани да остваруваат повици по цени како дома. Истото ќе важи и за патниците од земјите на ЕУ кои ќе патуваат во Црна Гора и во Албанија, што значи дека разговорите, пораките и користењето интернет ќе бидат наплатени по домашни тарифи.

Оваа одлука е дел од планот за приближување на двете земји кон членството во ЕУ и постепено намалување на трошоците за роаминг во регионот, кој е во тек веќе две години. Мерката е дел од пошироката европска иницијатива за економска интеграција на Западен Балкан, со цел укинување на бариерите и намалување на трошоците за комуникација.

Преговорите продолжуваат и со останатите земји од регионот, меѓу кои Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Украина, за кои напролет беше објавено дека би можеле да се приклучат на единствениот пазар за роаминг уште од јануари следната година.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на неодамнешниот дигитален самит изјави дека Унијата дала патоказ што треба да исполнат државите од Западен Балкан за да пристапат кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна.

– Нашите обврски ние ќе ги завршиме до декември 2025-та и очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани. Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколку подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот – рече Андоновски.

Овој месец, Црна Гора, Албанија, Македонија и Молдавија се приклучија на европскиот систем за финансиски трансакции СЕПА, што значително ќе ги забрза меѓународните плаќања кон членките на ЕУ и ќе ги поевтини за граѓаните.

ИЗДВОЕНИ