Владата на Црна Гора денес, по итна постапка, ќе го укине безвизниот режим за државјаните на Турција, објави доцна синоќа на социјалната мрежа X премиерот Милојко Спајиќ. Тој најави интензивни разговори со Анкара за наоѓање модел во заеднички интерес и дух на сојузништво, без дополнително да ги образложи причините за мерката.
Паралелно со ова, полицијата во Подгорица изведе рација во населбата Забјело и приведе околу педесет турски државјани, меѓу кои и двајца осомничени за учество во тепачка во која со нож беше ранет М.Ј. од Подгорица. Инцидентот се случил во ноќта меѓу сабота и недела во угостителски објект.
За време на приведувањето се собра група граѓани кои скандирале антитурски пораки, а силно полициско присуство спречи дел од толпата да се доближи до објектите каде што биле сместени турските државјани. Вечерта пред турската амбасада во Подгорица беа распоредени неколку полициски возила.
Министерот за внатрешни работи Данило Сарановиќ ги отфрли шпекулациите дека во земјата има 100.000 турски државјани и појасни дека официјално се евидентирани околу 13.000, од кои 80 со постојан престој. Полицијата ќе ја проверува законитоста на нивниот престој и евентуално учество во насилства, со можност за отказ на престој или протерување.
Претседателот Јаков Милатовиќ остро го осуди нападот и повика на смиреност и воздржаност, нагласувајќи дека не смее да има колективна вина и стигматизација. Тој порача дека полицијата и обвинителството мора решително да постапуваат против говор на омраза и закани и дека на земјата ѝ е потребна поодговорна имиграциска политика – строга кон злоупотребите и криминалот, фер кон сите што ги почитуваат законите.
Во јавниот дискурс се потсетува дека Турција беше меѓу земјите за кои Црна Гора претходно укина визи, поради што Европската комисија ја повика Подгорица да ја усогласи визната политика со Европската Унија, каде што за турските државјани важи визен режим. Пратеникот Борис Богдановиќ од Демократите, дел од владејачкото мнозинство, објави фотографија од приведувањето со пораката: „Ја штитиме нашата земја. Го штитиме секој дом“.












