– Утрото по промоцијата, добив телефонски повик… Александар, за жал, не дочекав да се потпишете на мојот примерок, но и нема потреба од тоа… вие сношти на промоцијата ми се потпишавте во срцето! Само и само поради овие коментари и довербата на читателите, вреди да се пишува во Македонија. Поради ништо друго!, вели писателот Александар Кукулев за весникот ВЕЧЕР по промоцијата на неговиот најнов роман „Цреша“

Емотивно, вдахновено, искрено и за многумина присутни неповторливо беше чувството на промоцијата на најновиот роман на македонскиот писател Александар Кукулев „Цреша“, што деновиве се одржа во Театарот „ЈХК Џинот“ во Велес, во рамки на манифестацијата „Рацинови средби“.

Промоцијата започна со песната „Цреша“ од нашиот ненадминат пејач Tоше Проески, која со милозвучни гласчиња ја исполнија деца застанати меѓу многубројната публика во фоајето на Велешкиот театар, а нејзините стихови „што е тоа во луѓето тажно што живеат во животи туѓи…“ никого не оставија рамнодушен.

-„Цреша“ е психолошка приказна за длабокиот ум во кој само љубовта и проклетството се вечни, рече за весникот ВЕЧЕР, авторот Кукулев, опишувајќи го со неколку зборови неговиот четврти роман.

Прашан за промоцијата, истакна дека она што во петокот се случи во фоајето на Театарот во Велес, иако замислено како промоција на роман, се претворило во спектакл што Велес досега не го памети.

-Неколку стотини мои сограѓани дојдоа заедно да ѝ се израдуваме на штотуку родената „Цреша”. Радоста и восхитот во погледите на тој прекрасен народ, дојдени заедно да се поклониме пред убавината на пишаниот збор, беше настан што долго ќе се памети! Изненадувањето со детскиот хор на диригентката Веселинка Маџарова, кој „спонтано“ ја испеа „Цреша”, беше круна на прекрасната вечер. Многу емоции, солзи… сè уште се ежам од помислата…“, ни изјави Кукулев.

Додаде дека се ретки промоциите на кои читателите повеќе од три часа трпеливо чекаат на посвета за својот примерок.

-Утрото по промоцијата, добив телефонски повик… Александар, за жал не дочекав да се потпишете на мојот примерок, но и нема потреба од тоа… вие сношти на промоцијата ми се потпишавте во срцето! Само и само поради овие коментари и довербата на читателите, вреди да се пишува во Македонија. Поради ништо друго!, додаде со многу емоции Кукулев.

Промоторот на романот „Цреша”, Огнен Неделковски, пак, по промоцијата, на социјалните мрежи напиша дека има надеж за македонската литература.

– „Цреша“ е современа животна приказна за трагедијата на едно македонско семејство, но истовремено е и роман за Македонија, повеќе од некои дела кои претенциозно тргнале со намера тоа да станат и да останат. Кукулев на суптилен начин зборува за македонското прашање, вешто вткајувајќи го во срцевината на неговата приказна. Една од најсилните сцени што сум ги прочитал во мојот живот е онаа во романот на Кукулев кога двајцата роднини по многу години ја истураат земјата од Бугарија и Грција во дворот на баба Ники… Со таа трогателна сцена е раскажана целата македонска историја во неколку страници, вели за романот промоторот Неделковски, магистер по драматургија и писател.

Тој додава дека „Цреша“ е возбудливо и повеќеслојно дело, а авторот создал моќна животна приказна со полнокрвни ликови кои се борат за секој свој здив.

-Во романот се испреплетуваат двете вечни теми: љубовта и смртта. Ерос и Танатос. Луцидниот начин на раскажување на Кукулев вешто плови низ океанот на емоции, релации, влијанија, контра влијанија и чувства на малкуте ликови, кои се избрани да ја раскажат својата тажна приказна, но и приказната на многу луѓе кои биле принудени да бидат откорнати од својата родна почва. Токму како и црешата на Кукулев, додава Неделковски.

И поетесата и промоторка Славица Митровска, со многу емоција го опиша романот: „’Цреша’ не е роман. Тоа е рана што пее. Не ја читав ‘Цреша’ со очи. Ја читав со кожа. Со рацете што го знаат студот на бетонската плоча во подрум каде што детето што никогаш не плаче – сонува цреши. Со тишината што те држи за гуша, но нежно, како мајка што не знае како да те прегрне, па само седи крај тебе и дише“.

На промоцијата се обрати и д-р Елена Карева-Пиловска, психијатарка, која пред присутните зборуваше за потребата од надминување на интергенерациската траума со која денес живееме.

Кукулев е познат и по романите „Патувањето на Петар Келемен“, „Како избравме американски претседател“ и „Водена приказна“. Пишува и сценарија за театар и филм, а филмската публика го препознава по сценариото за играно документарниот филм „Последниот Македонец – патот до самоуништување“ и театарската претстава „Залезот на сенките“, напишана заедно со Анита Даева.

ИЗДВОЕНИ