Циклон од Џенова може да го донесе и првиот снег на повисоките места викендов

21

Под влијание на циклонска активност со центар над Џенова, во петок (26 септември) како и за време на викендот, но и во почетокот на следната седмица времето во Македонија ќе биде претежно облачно, многу посвежо со врнежи од дожд кои на повеќе места ќе бидат обилни и поројни и проследени со локална појава на грмежи.

Ќе дува умерен, а особено долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во Скопје  и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде претежно облачно и многу посвежо со врнежи од дожд, повремено обилни и поројни и проследени со ретки грмежи. И во Скопскиот регион ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец.

Локално за време на овој период ќе наврне позначително количество на воден талог (над 30 литри на метар квадратен дожд). Токму ова ќе придонесе конечно за намалување на интензитетот на сушата која подолго време владее во најголем дел од Македонија.

Поради продор на многу поладен воздух од североисток и од исток температурите во погоре споменатиот период ќе бидат пониски дури и за повеќе од 10 степени во споредба од оние кои ги имаме сега и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот само од 13 до 20 степени. Во Скопје  и околината максималната дневна температура на воздухот ќе се  искачува до околу 16/17 степени.

Наутро пак температурите ќе се спуштаат во интервалот од 6 до 14 степени.

Поради заладувањето, не се исклучува можноста на највисоките планински врвови во Македонија (над 2000 метри надморска височина) да ги имаме и првите врнежи од снег за оваа сезона, објави Метеоаларм во најновата временска прогноза.

ИЗДВОЕНИ