Новиот закон предизвикува поделба меѓу јавноста и бизнисите – додека здравствените власти ја истакнуваат важноста на превенцијата и поддршката за откажување од пушењето, малите трговци предупредуваат на сериозни финансиски загуби и неопходност од преоден период за прилагодување. Според сопствениците, ограничувањата за изложување, продажба и брендирање на цигари и други тутунски производи ја загрозуваат егзистенцијата на над 4.000 мали и средни бизниси во земјата, кои најголем дел од приходите ги обезбедуваат преку долгорочни договори со тутунската индустрија

Новиот Закон за пушење не престанува да ја бранува јавноста. Покрај поделените мислења меѓу граѓаните, едни ги поддржуваат големите рестрикции што ги предвидува законот, додека пак, други сметаат дека е премногу ригорозен и сериозно ќе ги погоди малите бизниси. Од друга страна, институциите објаснуваат дека мерките се во интерес на здравјето на граѓаните. Министерството за здравство појаснува дека ригорозните казни не се само „удар по џебот“, туку се дел од системски пристап за заштита на здравјето. Министерот Азир Алиу истакнува дека примарната цел на новиот предлог-закон е превенција на штетните последици од пушењето и поддршка за откажување од цигарите, а не казнување на граѓаните.

– Законот предвидува мерки за подигнување на јавната свест и системска поддршка за откажување од пушењето, без да се стигматизираат пушачите. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од цигарите, без притоа да бидат казнувани – порачува Алиу и додава дека зависноста од никотин е сериозен медицински и јавноздравствен проблем, кој бара системски и одговорен пристап, и дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето.

Законот, вели тој, исто така, ги дефинира надлежностите на инспекциските служби, санкциите за непочитување на прописите и улогата на локалните самоуправи, со цел долгорочно подобрување на јавното здравје и создавање средина која ги охрабрува граѓаните да донесуваат поздрави животни одлуки.

Од друга страна, новиот закон ги дигна на нозе малите трговци. Малите продажни објекти, како тобако продавниците, киосците, мини маркетите и други семејни бизниси, реагираат дека законското решение сериозно ќе ги погоди и ќе предизвика дополнителни трошоци и загуби, поради кои дел ќе мора да отпуштаат вработени, а дел дури и да ги затворат продавниците.

Според сопствениците, ограничувањата за изложување, продажба и брендирање на цигари и други тутунски производи ја загрозуваат егзистенцијата на над 4.000 мали и средни бизниси во земјата, кои најголем дел од приходите ги обезбедуваат преку долгорочни договори со тутунската индустрија. Тие бараат поправедно законско решение и преоден период за прилагодување на новите регулативи.

Нацрт-законот предвидува тутунските производи да се чуваат во непроѕирни, затворени шкафови, недостапни за купувачите, без надворешно брендирање и привлекувачки елементи. Малите трговци реагираат дека овие правила сериозно ги погодиле оние кои со години работат легално.

Трговците посочуваат дека особено се погодени сите што инвестирале значителни средства во уредување на продажниот простор со витрини, опрема и безбедносни системи.

– Овие производи на продажните места ќе мора да се чуваат во непроѕирни, затворени шкафови, недостапни за купувачите. Шкафовите за складирање треба да се конструирани така што производите во нив да не се гледаат кога шкафот се отвора, а не смеат да имаат никакво надворешно осветлување или боја што привлекува внимание. Малопродажните објекти во кои се продаваат цигари и други тутунски производи не смеат да имаат каков било брендинг поврзан со овие производи, ниту пак некаква друга комуникација што наговестува дека таму се продаваат вакви производи.  Со новите ограничувања, овие инвестиции стануваат бескорисни, а загубите за нас ќе бидат огромни. За многумина тоа значи целосно затворање на бизнисот од кој се хранат семејства – велат трговците.

Тие укажуваат на недостаток на преоден период и нејасни критериуми за специјализираните продавници, што може да доведе до хаотична и селективна примена на законот. Исто така, трговците се прашуваат што ќе прават со залихите на ароматизирани тутунски и никотински производи, чија продажба целосно ќе се забрани, а за кои веќе платиле сите давачки кон државата.

– Голем дел од нас треба да го смениме деловниот модел, а тоа не може да се направи преку ноќ. Потребни се месеци, па дури и една година за прилагодување. Без преоден период, законот ќе доведе до финансиски колапс, отпуштање на вработени и целосно затворање на голем број малопродажни објекти –  заклучуваат трговците.

ИЗДВОЕНИ