Во текот на третиот гренд слем турнир, Вимблдон, Гркот Стефаос Циципас неочекувано беше елиминиран во првото коло и веднаш јавно беше критикуван од својот тренер, Горан Иванишевиќ. Хрватскиот тренер потоа рече дека е три пати поподготвен од Циципас и покрај тоа што има повредено колено, а кажа и други грди работи за него, кои, според многу други тренери, не требало да бидат кажани јавно.
Меѓутоа, Циципас сега даде интервју за SDNA, во кое не го спомена директно Иванишевиќ, но зборуваше за својот став за односите со тренерите.
– Кога работам со вистинските луѓе кои ги избирам и кои ме опуштаат, тоа е вистинското расположение. Тоа не значи дека ќе престанам да тренирам кога сакам или дека ќе избирам колку да тренирам. Има луѓе кои знаат колку напорно работиме и што сакаме да постигнеме, но тие успеваат да одржат пријателска атмосфера. Многу е тешко да имаш диктатор и луѓе кои зборуваат негативно за тебе, а не чувствуваш дека ти се блиски како семејство – рече Циципас.
Стефанос Циципас и Горан Иванишевиќ повеќе не соработуваат, беше официјално објавено. Тие ја почнаа соработката на 14 јуни, а веќе на 24 јули ја завршија – по помалку од два месеца. Тие беа на само два турнира заедно и почнаа да тренираат во Загреб, а по повлекувањето од Хале и Вимблдон, се разделија.
– Работата со Горан Иванишевиќ траеше кратко, но искуството од неа навистина го ценам. Благодарен сум му за времето, посветеноста и за енергијата што ги имаше за мене и за мојот тим. Сега сите одиме по нашите патишта. Му посакувам сè најдобро во иднина – напиша Циципас на „Инстаграм“.
Во еден период, Горан Иванишевиќ му беше тренер на Новак Ѓоковиќ, соработка што траеше околу пет години и во тој период освоија девет гренд слем титули.