ЦИА: Украина не ја таргетираше резиденцијата на Путин во нападот со дронови

39
EPA/SERGEI ILNITSKY

Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) процени дека Украина не ја таргетирала резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во неодамнешниот напад со беспилотни летала, и покрај тврдењата што самиот Путин му ги упатил на американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор. Оваа проценка, која директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, му ја соопшти на Трамп во среда, го поткопува наративот на Кремљ, објавува CNN.

Од гнев до сомнеж
Да потсетиме, во понеделникот Русија јавно ја обвини Украина за обид за напад врз домот на Путин, а Трамп им потврди на новинарите дека Путин лично му го кажал тоа. Претседателот потоа изјави дека наводниот напад го вознемирил, велејќи дека „не му се допаѓа“ и дека „не е добро“, опишувајќи се себеси како „многу лут“. Иако призна дека е „можно“ обвинувањето да е лажно, тој додаде: „Но, претседателот Путин ми кажа утрово дека е така“.

Сепак, по брифингот на директорот на ЦИА, Трамп се чини дека зазел поскептичен став. Во среда, тој сподели линк до уреднички текст на „Њујорк пост“ на социјалната мрежа Truth Social, насловен: „„Агресивниот“ тирад на Путин покажува дека Русија стои на патот на мирот“.

Уредничкиот одбор на „Пост“ изјави дека е „богато што Путин, кој води брутална војна речиси четири години, верува дека секое насилство во негова близина заслужува посебен гнев“ и дека „секој напад врз Путин е повеќе од оправдан“.

„Но, еве во што е цаката: Нападот со беспилотни летала веројатно никогаш не се случил. Украинскиот претседател Володимир Зеленски енергично го негираше тоа. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русите не можат да обезбедат докази и го повикаа печатот да „,му верува на Кремљ на зборот“. Не, нема да го сториме тоа“, се вели во уредничкиот текст на „Пост“. Белата куќа не одговори на барањето на Си-Ен-Ен за коментар, додека ЦИА одби да коментира.

Обид за саботирање на мировните преговори?

Тврдењето на Путин за нападот – и проценката на САД дека тој не се случил, првично објавена од „Волстрит џурнал“ – доаѓа во услови на интензивни преговори меѓу Трамп и неговите помошници за прекин на војната во Украина. Обвинението доаѓа само еден ден откако Трамп се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Мар-а-Лаго и изрази оптимизам за мирот.

Некои европски претставници го гледаат тврдењето на Путин како обид да се попречат мировните напори без да се предизвика гневот на Трамп. Шефицата за надворешна политика на Европската унија, Каја Калас, во среда изјави дека станува збор за „намерно одвлекување на вниманието“.

Руска верзија на настаните
Во други вести, Министерството за одбрана во Москва во среда соопшти дека 91 беспилотно летало биле лансирани од северна Украина кон резиденцијата на Путин во близина на Валдај во регионот Новгород во северозападна Русија.

Министерството изјави дека повеќе од половина од беспилотните летала биле пресретнати на неколку стотици километри оддалеченост, без да објасни како знаеле дека нивната крајна дестинација е токму резиденцијата на Путин.

Според нивните тврдења, другите биле пресретнати над Новгород во понеделник помеѓу 3:00 и 8:30 часот по локално време. Министерството, исто така, објави мапа на која наводно се прикажани траекториите на беспилотните летала и каде биле соборени.

ИЗДВОЕНИ