Иницијативата центрите за социјална работа да преминат во надлежност на локалната самоуправа, односно можностите за децентрализација на социјалните услуги биле предмет на дискусија на состанокот на ЗЕЛС што се одржа денеска, а на којм покрај претседателот Орце Ѓорѓиевски, присуствувале и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади – Ѓоко Велковски, градоначалникот на Гази Баба и претседател на Комисијата за социјални прашања при ЗЕЛС – Бобан Стефковски, како и други градоначалници и претставници на локалната самоуправа.
– Овој чекор се гледа како клучен во насока на подобрување на пристапот и квалитетот на социјалните услуги, како и за зајакнување на координацијата меѓу локалните и централните институции. Со пренесувањето на надлежноста, општините би добиле поголема улога во управувањето со центрите за социјална работа, кои и понатаму би функционирале во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Ова би овозможило поконкретен и поефикасен пристап во грижата за граѓаните, особено за ранливите категории – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека треба да се избере модел што е проверен и базиран на регионалното искуство.
– Децентрализацијата на социјалните услуги значи поголема достапност за граѓаните, побрза реакција на институциите и креирање функционален систем што ќе одговара на реалните потреби на локалното население. Локалната самоуправа е најблиску до граѓаните, затоа таа треба да има клучна улога во грижата за нив – изјави Ѓорѓиевски.