Пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Зоран Кондратенко, а здравичар Јаков Дренковски.
Во своето обраќање Кондратенко нагласи дека како овогодишен кум има обврска заедно со моите претходници и наследници во годините што следат да бидат чувари на оваа убава традиција, на обичаите врзани за чествувањето на Бадник и Божиќ и на скопскиот градски дух.
-Не е случајно што оваа традиција се роди и се негува токму во нашето Скопје – градот на солидарноста, толеранцијата, традицијата и меѓусебното почитување – истакна Кондратенко.
Дренковски додаде дека убаво е да се видат вакви убави лица каде што човек ќе посака да запее и да внесе мир во душите, а преку зборовите да дарува здравје и разбирање.

На бината со новиот кум и здравичар застанаа и се обратија и тројцата градоначалници на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на Општина Центар, Горан Герасимовски и на Општина Сопиште, Јане Мицевски.
Ѓорѓиевски на сите верници им посака радост, здравје и среќа и мир во нивните домови.
-Ова се празници кои што од една страна не доближуваат до Бога, а од друга страна ни даваат можност да се обединиме како народ, а тоа ни недостасува на сите нас. Ова е традиција повеќе од три децении за што морам да му честитам на Одборот -рече Ѓорѓиевски.
Герасимовски порача да се почитува Бадникарската традиција што не поврзува и не сплотува.
-Дабовите гранчиња нека ни донесат здравје, среќа и бериќет во секој дом. А на Бадник и Божиќ да подадеме рака на сите на кои им е потребна помош – изјави Герасимовски.
Претходно, членови на Бадникарскиот одбор заедно со новиот кум Зоран Кондратенко и новиот здравичар Јаков Дренковски, во пресрет на централната манифестација Бадник 2026, утрово ги посетија штитениците на Домот за стари лица Мајка Тереза, за да им ги честитаат големите христијански празници Бадник и Божиќ.
Утрово, пак, на двата влеза во дворот на Соборниот храм, традиционално се делеа бадникови гранчиња. Тие беа осветени, по што беше подигнато Бадникарското знаме и беше интонирана Бадниковата химна.
По завршувањето на церемонијата новиот кум со ќупот заедно со здравичарот со пајтон го напуштија храмот „Свети Климент Охридски“ и се упатија кон своите домови поздравени од скопјани.












