Централниот регистар создава услови за работење на компаниите, за развој и за стабилност на државата

88

Услугите на Централниот регистар се директно поврзани со секојдневното работење на компаниите, а навремената, точна и квалитетна информација е од суштинско значење за донесување вистински одлуки за правните субјекти.

– Во насока на развој на оваа институција, вишокот на средства остварени во текот на оваа година ќе бидат вложени токму во соодветно одржување на системите, движејќи се по внимателно проектирана развојна стратегија на која работиме во моментов, пред сè, на воведување нови регистри, а со тоа и на нови податоци што ќе бидат помош и поддршка на државата и на Владата во донесувањето одлуки и при проекција на развојот на економијата, но и за заштитата на граѓаните и на материјалните добра. Исто така, ќе вложиме и во доекипирање на новите простории во Скопје, но и во реновирање на канцелариите на Централниот регистар во градовите во државата, пред сè, за создавање соодветни услови за работа на вработените – најави директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова, на одбележувањето 24-години од формирањето на Централниот регистар.

Таа посочи дека Централен регистар, како институција одговорна за создавање услови за почнување бизнис, дава огромна поддршка за инвеститорите и за сите фактори во водењето бизнис, а така ќе се продолжи и во наредниот период. Стамнова истакна дека Централниот регистар во 2023 година направил загуба од 11.092.390 денари, а во 2024 година од 54.926.010 денари, што, според неа се должи на недомаќинското работење.

Оваа година, со соодветно планирање, со напор, со мотивација и со домаќинско работење, институцијата ќе ја заврши годината позитивно, со деветцифрени бројки, кои не би ги обелоденувала веднаш туку по завршување на оваа фискална година – истакна Стамнова.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека Централниот регистар ја потврдува улогата на столб на македонската економија.

– Изградбата на современа и ефикасна администрација базирана на дигитализација и насочена кон брзи и квалитетни услуги за граѓаните и компаниите е процес што бара време, упорност и визија. Денес Централниот регистар е пример токму за тоа, за модерна и современа организација која со своето работење создава услови за подобра економија, поголем развој и стабилност на државата – рече Мицкоски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, истакна дека економската и правната инфраструктура е клучна алка во креирањето на поволна деловна клима, унапредувањето на транспарентноста и заштитата на правата на правните и физичките лица, нагласувајќи ја важноста на Централниот регистар во борбата против сивата економија, зголемувањето на фискалната дисциплина и унапредувањето на деловната етика.

– За да изградиме функционална пазарна економија што се темели на знаење, иновации и одржлив развој, мора да имаме силни институции и здрава деловна клима. Токму затоа, соработката со Централниот регистар е од суштинско значење – рече министерката Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ