Централната банка на Холандија до граѓаните: Чувајте готовина во случај да падне електронското плаќање

40

Семејствата треба да имаат доволно пари за да им траат најмалку три дена во случај на вонредна состојба, предупреди централната банка на Холандија.

На граѓаните им се препорачува да чуваат 70 евра по возрасен и 30 евра по дете во готово на безбедно место во случај електронските системи за плаќање да престанат да работат. Како една од причините за овој совет, банката ја наведе заканата од сајбер-напади, која се зголемува со оглед на сè понапнатата геополитичка ситуација, пишува „Политико“.

Во април, прекинот на електричната енергија во Шпанија и Португалија предизвика сериозни, но краткотрајни проблеми со системите за плаќање. Според препораката на банката, износот на готовина што луѓето треба да ја имаат дома треба да биде доволен за да се покријат „минималните основни трошоци за три дена, како што се вода, храна, лекови и превоз“.

Холандската централна банка, исто така, има препораки за трговците: тие треба да имаат подготвени алтернативни методи на плаќање, како што е скенирање кју- ар кодови, во случај да откажат фискалните апарати и системите за картички.

Во март, Европската комисија објави план за подготвеност во кој на граѓаните им се препорачува да имаат резерви од храна дома најмалку три дена, за да можат во случај на војна или природна катастрофа да ги обезбедат основните потреби.

 

ИЗДВОЕНИ