Од 14 пожари на отворено, според Дирекцијата за заштита и спасување, денеска до 15:00 часот активни се четири. Од Центарот за управување со кризи објавија мапи со детектираните топли точки на територијата, кои се потенцијални жаришта за пожари. Повикувајќи се на мапата што го прикажува метеоролошкиот индекс на ризик од пожари, велат дека под најголем ризик од избувнување пожар е централниот дел на државата, како и Кумановско, додека најмал ризик има во подрачјата околу Шар Планина и други помалку загрозени региони
Од 14 пожари на отворено, според Дирекцијата за заштита и спасување, денеска до 15:00 часот активни се четири, и тоа пожарот кај селото Николич крај Дојран, каде што неколку дена гори нискостеблеста шума, потоа под Солунска Глава, каде што од карпестиот предел се издига бел чад без видлив пламен. Активен е и пожарот во кумановското место Преовце, каде што гори ниска вегетација, како и во Старо Нагоричане, во селото Ругинце.
Од ДЗС потенцираат дека шест пожари се ставени под контрола.
– Два се локализирани, и тоа во Општина Прилеп кај селото Бешиште и во Општина Свети Николе кај селото Делисинце, каде што беа зафатени ниска вегетација и една стара напуштена куќа. Во изминатите часови, целосно се изгаснати два пожара: во Чучер Сандево кај црквата „Света Троица“ и во Македонски Брод кај селото Белица – соопштија од Дирекцијата за заштита и спасување.
Од Центарот за управување со кризи објавија мапи со детектираните топли точки на територијата, кои се потенцијални жаришта за пожари. Повикувајќи се на мапата што го прикажува метеоролошкиот индекс на ризик од пожари, велат дека под најголем ризик од избувнување пожар е централниот дел на државата, како и Кумановско, додека најмал ризик има во подрачјата околу Шар Планина и други помалку загрозени региони.
– Метеоролошкиот индекс на ризик од пожар се пресметува врз основа на податоците од автоматските метеоролошки станици на Управата за хидрометеоролошки работи и ги вклучува параметрите како што се температурата на воздухот, релативната влажност, брзината и правецот на ветрот. Вкупно две топли точки се детектирани во близина на селото Николич, Општина Дојран. Оперативниот штаб на ЦУК потврди за појава на пожари на отворен простор на овие локации – велат од ЦУК.
Оттаму објаснуваат дека топлите точки се откриваат автоматски, преку сателитски сензори и укажуваат на можни активни пожари или на извори на топлина на територијата.
– Следната мапа се однесува на состојбата со сушата на вегетацијата, која се мери преку сателитски податоци од Системот за информации за пожари на НАСА за управување со ресурси. Црвената боја на мапата ги означува подрачјата со највисока суша на вегетацијата – во повисоките планински предели, што значи голема чувствителност на вегетацијата и потенцијал за пожари. Жолтата боја укажува на средна суша на вегетацијата, а зелената – на најниска, во пониските делови, каде што ризикот од пожари е најмал – објаснуваат од ЦУК.
ЦУК преку СМС-порака известува за кризната состојба прогласена за пожарите
Граѓаните на своите телефони добиле СМС-порака од Центарот за управување со кризи, со содржина: „Ве известуваме дека има прогласено кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите“.
Од ЦУК посочуваат дека станува збор за тест-порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен „cell broadcasting“ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Од Центарот соопштуваат дека оваа тест-порака има цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
– Овој систем овозможува испраќање итни пораки до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации. ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија, која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација – велат од ЦУК.
Оттаму посочуваат дека воведувањето вакви системи е не само национална потреба туку и обврска согласно со законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби.
(С. Бл.)