Централата на „Киро Глигоров“ веќе носи пониски сметки

78

Општина Центар информира дека општинското трговско друштво „Енергија Центар“ во 2025 година остварило значајни резултати во производството на електрична енергија од обновливи извори.

– Во употреба е пуштена фотонапонската централа на ООУ „Киро Глигоров“, со инсталирана моќност од 396 kW и со генераторска сила од 384 kW. Централата веќе овозможува пониски сметки за електрична енергија и беше високо оценета од европски стручни лица, како проект изведен според највисоките технички стандарди – велат од локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, потенцираше дека стратешките цели за 2026 година се: поставување фотонапонски централи на ООУ „Гоце Делчев“ и на ООУ „Коле Неделковски“, за кои веќе има готови проекти.

– „Енергија Центар“ веќе покажа дека може да испорача резултати, а сега продолжуваме со јасен план и со подготвени проекти. За наредната година планираме кадровско екипирање и самостојно работење на претпријатието – изјави Герасимовски.

Тој посочи дека се подготвени и проекти за поставување фотоволтаици на училиштето „Гоце Делчев“ и на катната гаража „Судска палата“, додека проектот за ООУ „11 Октомври“ е подготвен и чека решавање на имотноправните прашања.

Од Општината додаваат дека годинава целосно е завршена постапката за јавни набавки за изработка на основни проекти за сите преостанати основни училишта и катни гаражи од програмата, што, како што нагласуваат, отвора пат за конкретни чекори за нивна реализација.

Притоа, нагласуваат дека централите на покривите на детските градинки ќе се реализираат поединечно, во зависност од обезбедените грантови, особено изведбите на училиштата и на катните гаражи.

 

ИЗДВОЕНИ