четврток, февруари 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Центарот за култура, културното срце на Битола, ќе продолжи да чука во...

Центарот за култура, културното срце на Битола, ќе продолжи да чука во вистински ритам

23

Центарот за култура – Битола, ја заокружи 2025 година со преку 300 реализирани настани и повеќе од 130.000 посетители.

– Особено значајна во овој процес е континуираната поддршка на Општина Битола, која преку финансиска, логистичка и програмска соработка се јавува како вистински креативен партнер во реализацијата на фестивалите и културно-уметничките манифестации. Заедничката визија за развој на културата, вложувањето во квалитетни културни содржини и поддршката на домашните и меѓународните уметници претставуваат темел врз кој се гради современиот културен идентитет на Битола. Следејќи ја тенденцијата за развој на Центарот за култура во современ мултимедијален и мултинаменски центар за креирање и презентирање на културни вредности, обемот на дејности се зголемува во континуитет – изјави директорот на установата, Сашо Илковски на тркалезната маса за програмата за култура на Општина Битола.

Тој нагласи дека и годинава, Центарот за култура ќе настојува да го задржи и да го надгради нивото и вредностите на традиционалните фестивали: „Илинденски денови“, Интернационалниот фестивал на монодрама, Фестивалот на музика од светот, Интернационалниот етнографски филмски фестивал, како и да воспостави нови креативни културно-уметнички текови, кои ќе ги поттикнат и ќе ги афирмираат идеите и делата на новите генерации уметнички творци.

– На тој начин, со заеднички сили и визија, ќе продолжи да чука во вистински ритам „Културното срце на Битола“ – вели Илковски.

Инаку, со организација и со реализација на традиционалните фестивали, голем број иновативни и нови манифестации, концерти, филмски проекции и со значаен број посетители и гости, Центарот за култура ги одбележа големите јубилеи: 45 години Центар за култура – Битола, 55 години Фестивал „Илинденски денови” – Битола и 50 години – Детска ликовна изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, истакна директорот на оваа институција, Сашо Илковски, на тркалезната маса за програмата за култура на Општина Битола.

Сценските простори на Центарот за култура беа и остануваат отворени за сите значајни музичко-сценски, театарски, фолклорни концерти, активности и манифестации, филмско творештво и презентација, за иницијативи и креативни идеи од невладиниот сектор и самостојните уметници, како и за сите свечени одбележувања и академии посветени на значајни поводи и настани од нашето културно-историско минато и сегашност.

ИЗДВОЕНИ