Државниот завод за статистика (ДЗС) соопшти дека вкупните продажни цени на производителите на индустриски производи (на домашниот и на меѓународниот пазар) во март 2025 година биле покачени за 0,4 отсто во споредба со претходниот месец, а во однос на март минатата година – за 7 отсто.

На светските пазари, во март 2025 година, цените на индустриските производи забележале пораст од 0,5 проценти во однос на февруари, а споредено со тој месец претходната година, зголемувањето е 7,3 проценти.

Според податоците на ДЗС, во март, во споредба со февруари, било забележано намалување на продажните цени на индустриските производи во секторите рударство и вадење камен за 0,1 процент и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 0,2 проценти. Во преработувачката индустрија има зголемување за 0,4 проценти, додека во секторот снабдување со вода, отстранување на вода, управување со отпад и дејности за санација на околината не се забележани промени.

На годишно ниво, во март оваа година во споредба со март минатата година, продажните цени на производителите на индустриски производи се зголемени за 19,1 процент во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, за 12,8 проценти во рударството и вадењето камен, за 6,2 проценти во преработувачката индустрија и за 4,8 проценти во секторот снабдување со вода, отстранување на вода, управување со отпад и дејности за санација на околината, наведуваат од ДЗС.

ИЗДВОЕНИ