Инфлацијата повторно расте и според последните статистички податоци, таа е двојно повисока од онаа во еврозоната, а македонските плати се на дното во Европа. Граѓаните повторно не може да излезат на крај со цените на храната, кои се зголемуваат кога ќе им текне на трговците. И економските експерти коментираат дека нема регулиран пазар кај нас, дека нема конкуренција и дека трговците го користат тој момент и постојано ги зголемуваат цените. Власта се обидува да го реши проблемот со казни, но изминатиов период се потврди дека не помагаат ни тие, откако ќе ги платат, повторно си тераат по старо. Од друга страна, веќе не држи вода тезата дека инфлацијата е увезена, бидејќи цената на струјата и на суровините на светските берзи стагнира.
И според последниот извештај на Светската организација на храна, ФАО, има пад на цените на светскиот пазар. ФАО забележа пад на цените на растителното масло, сончогледовото масло, пченицата, оризот, млечните производи, месото, шеќерот… Кај нас, сите цени на храната одат нагоре, се зголемуваат и другите трошоци за живот. Годишната инфлација во октомври достигна 4,5 отсто, а во еврозоната е само 2,1 процент.
Економските експерти се согласуваат дека нашата инфлација веќе не е увезена, туку дека се должи на самоволието на трговците и на зголемената домашна побарувачка.
– Инфлацијата кај нас не е увезена, бидејќи е поголема од онаа во Европа. Точно дека треба да растат платите, но тоа зголемување треба да биде поткрепено со зголемување на продуктивноста. Само на тој начин зголемените плати нема да се одразат на порастот на инфлацијата. Во спротивно, секое поголемо покачување на платите од растот на инфлацијата неминовно води до инфлација – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Се очекува да се одржи седница на Економско-социјалниот совет кон крајот на месецов, на која ќе биде утврдена висината на новата потрошувачка кошница, која е еден од факторите што ќе покажат дали треба да се зголеми минималната плата. Друг фактор се инфлацијата и состојбите во економијата. Така, општо е познато дека ако започне трка меѓу платите и инфлацијата во една држава, тогаш платите ја губат таа битка.
– Оние компании што работат на домашниот пазар немаат поголема конкуренција и најлесно им е да ги зголемат цените на своите производи и услуги и да ги покријат зголемените трошоци за плати, што не е случај со компаниите што работат за странскиот пазар. Поради тоа, трговците што имаат зголемена побарувачка на своите производи, сметаат дека зголемените цени нема да им ја намалат продажбата и постојано ги качуваат. Тоа не може да се случи на странските пазари, каде што има поголема конкуренција и доколку компаниите ги зголемат цените, паѓа нивната конкурентност – вели Димитров.
Според економскиот експерт Ванчо Узунов, нема никаква економска логика за зголемување на цените на храната, тие растат затоа што едноставно им се може на трговците.
– Суштината е во тоа да се открие дали расте инфлацијата во Македонија поради зголемена побарувачка или поради други причини. Инфлацијата кај нас не е предизвикана од зголемена побарувачка, туку поради тоа што имаме нерегулиран пазар на кој трговците постепено си ги покачуваат цените и остваруваат поголема заработувачка, а граѓаните осиромашуваат. Инфлацијата не е увезена и, во најголем дел, е домашна инфлација. Кај нас нема конкуренција и трговците постојано ги зголемуваат маржите, а граѓаните мора да купуваат храна и инфлацијата расте – вели Узунов за весникот ВЕЧЕР.
Најголем дел од граѓаните во Македонија купуваат од неколку големи синџири маркети, кои треба постојано да се контролираат и да се види колку често и кои се причините за тоа што ги зголемуваат цените.
– Храната во маркетите не се покачува одеднаш, туку малку по малку, незабележливо, за да не може граѓаните да забележат. Инфлацијата не е предизвикана од зголемени плати, кои оваа година речиси и да не пораснаа, а пензиите пораснаа многу малку. Така што, пак доаѓаме до заклучокот дека трговците се главни виновници за растот на цените. Она што, исто така, се забележува е дека растат цените на оние производи што граѓаните секојдневно ги купуваат, а не на оние што поретко се купуваат – објаснува Узунов.
Како и да е, на граѓаните не им преостанува ништо друго, освен да го чекаат решението, кое ќе ги спаси од високите цени и од ниските плати.
(А. С.)












